Совети

Вторник, 25 јуни 2013 година

Петнаесетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на 24 јуни 2013 година одржа седница на која беше разгледана Информацијата за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија - ревизија 2013, за периодот од 01.01.2013 - 31.03.2013 година.

На седницата како претставник на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија присуствуваше г-ѓа Марина Курте, советник за европска интеграција и правни прашања.

Информацијата за реализираните активности од НПАА-ревизија 2013 која се однесува на првиот квартал од годинава, пред членовите и претставниците на Националниот совет за евроинтеграции ја презентираше д-р Фатмир Бесими заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања.

Вицепремиерот Бесими укажа дека особено е важно темата за евроинтеграциите да продолжи да биде во фокусот на интересот кај институциите, вклучително и во Собранието на Република Македонија, што ќе претставува добра порака за посветеноста на државата за пристапување во ЕУ.

Во однос на политичките критериуми, вицепремиерот Бесими укажа на важноста на Пристапниот дијалог на високо ниво како и спроведените локални избори, при што информираше дека веднаш по изборите бил одржан состанок на Управувачкиот комитет на високо ниво со цел да продолжат со работа работните групи за законодавството и за избирачкиот список, како и за натамошна имплементација на препораките од извештајот на ОБСЕ за одржаните локални избори.

Исполнувањето на обврските од Патоказот, односно Акцискиот план за исполнување на приоритетите дефинирани во Пристапниот дијалог на високо ниво се всушност  приоритетите кои произлегуваат од НПАА. Во однос на процесот на децентрализација донесена е програмата за рамномерен регионален развој за 2013 година. Во делот на реформата на јавната администрација веќе се подготвува закон за администрација согласно забелешките од СИГМА, со цел да се подобри квалитетот во јавната администрација. Исто така г. Бесими информираше дека во подготовка е и нов закон за општа управна постапка. Во однос на правосудството, се подготвува рамка за натамошен развој на оваа област за периодот 2014-2017 година. Во 2012 година завршена е софтверската апликација за спроведување на методологијата за судска статистика, која треба да се стави во функција, согласно приоритетите дефинирани во ПДВН. Од 1 јануари 2013 година согласно законските одредби, новите судии се ангажираат од редот на кандидати кои дипломирале на Академијата за судии и јавни обвинители.
Во делот на антикорупциската политика, вицепремиерот Бесими потенцираше дека продолжи утврдувањето на предметите за судир на интереси. Државниот завод за ревизија предвидува повеќе мерки како политичките партии треба да ги исполнуваат условите согласно Законот за финансирање на политички партии.

Во делот на човековите права и заштита на малцинствата, како и слободата на изразување и медиумите, г.Бесими информираше дека продолжуваат континуираните обуки за спроведување на членот 10 од Европската конвенција за човекови права, во однос на декриминализацијата на клеветата и навредата, со цел воспоставуавање на ефикасна судска пракса.
Со цел подобрување на правичната застапеност на помалите заедници, г. Бесими информираше дека во јануари годинава бил објавен конкурс за 260 државни службеници според програмата К 5.

Прегледот на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор е објавен и во тек се јавни дебати за квалитативните идни политики за негова имплементација.

Во однос на регионалните прашања и меѓународните обврски спроведени се повеќе активности за промовирање на добрососедски односи.

Во однос на економските критериуми, направени се измени на Законот за банки, на Одлуката за управување со кредитниот ризик, измени на Законот за хартии од вредност и кај др.закони, со цел подобрување на конкурентноста.
Како приоритети кои произлегуваат и од ПДВН, остануваат предизвиците за имплементација на политичкиот договор, меѓупартискиот меморандум за европската интеграција, реформата во областа на слободата на изразување и законот за медиуми, дијалогот со медиумите и соодветните асоцијации на новинарите, како и прашањата кои произлегуваат од декемвриските заклучоци за добрососедските односи и прашањето за името.

Во расправата на седницата, со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска претседател на Советот, г-ѓа Силвана Бонева потпретседател на Советот, г-ѓа Сузана Салиу пратеник и член на Советот, г.Илија Димовски, пратеник и член на Советот, г.Кенан Хасипи пратеник и член на Советот,  г.Сафет Бишевац пратеник и заменик-член на Советот, г.Антони Пешев претставник на Стопанска комора на Македонија и г.Живко Митревски од Сојузот на синдикати на Македонија.

Националниот совет за евроинтеграции на истата седница со консензус усвои  заклучоци од организираните јавни расправи по работната верзија на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за следење на комуникациите, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за азил и привремена заштита.

Извештајот за работата на Националниот совет за евроинтеграции за 2012 година, ќе биде разгледан на продолжението на 15-та седница на Советот, кое дополнително ќе биде закажано.

дневен редстенографски белешки

Click