Совети

Вторник, 9 април 2013 година

Потребно е сите политички партии да се фокусираат кон евроинтеграциите

Во рамките на 14. седница на Националниот совет за евроинтеграции, на која учествуваа и Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешна политика и Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, свое обраќање имаше г. Штефан Филе, комесар за проширување и европска соседска политика на Европската комисија.

На седницата, покрај претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Радмила Шекеринска и потпретседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Силвана Бонева, присуствуваа и вицепремиерот за евроинтеграции, г. Фатмир Бесими, генералниот директор на Генералниот директорат за проширување на Европската комисија, г. Стефано Санино, шефот на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, г. Аиво Орав, како и г. Андреј Лепавцов, амбасадор на Република Македонија при Европската унија.

Госпоѓа Шекеринска во своето воведно обраќање со особено задоволство го поздрави присуството на еврокомесарот Штефан Филе, изразувајќи благодарност за сериозниот и пресуден ангажман за надминување на политичката криза што следеше по настаните во Собранието од 24 декември.

Еврокомесарот Филе, искажувајќи го задоволството од посетата, посочи дека Република Македонија покажа посветеност на претпристапниот дијалог на високо ниво, постигнат е напредок и воведени се мерки во одредени области и покрај настаните од 24 декември.

Претпристапниот дијалог на високо ниво се покажа како важен катализатор за Република Македонија и ги одреди специфичните реформи во пет клучни области преку процес на дијалог. Реформите се согласно целите на претпристапниот дијалог - истакна г. Филе.

Има напредок во рамките на владеење на правото, преку подобрување на ефикасноста на судскиот систем и реформите во јавната администрација.

Во однос на слободата на изразувањето и медиумите, од суштинско значење е да се продолжи дијалогот со новинарите и тие да се вклучат во реформите на ова поле и тоа на транспарентен и отворен начин.

На економскиот план расчистени се сите обврски кон претпријатијата од страна на Владата, воедно беше поздравен и Акцискиот план за вработување на млади луѓе.

Локалните избори еврокомесарот ги оцени како добро спроведени и конкурентни. Посочувајќи им на идните градоначалници да изградат врска и доверба со сите граѓани и нивно еднакво претставување, без оглед на етничката припадност.

Ова е клучен момент за Македонија пред претстојниот извештај, кој ќе биде презентиран наредната недела и потребно е сите политички партии да се фокусираат кон евроинтеграциите. 

Но, најважно останува што побрзо да се формира Анкетната комисија која ќе ги расчисти настаните од 24 декември, а сите партии да потпишат меморандум за посветеност кон евроинтеграциските процеси.

Вицепремиерот за евроинтеграции, г. Бесими, истакна дека евроинтеграцијата претставува недвосмислено најдобра и единствена алтернатива за стабилна, мирна и развиена земја.

Во расправата на седницата, со свои дискусии, сугестии и препораки, учествуваа: г-ѓа Силвана Бонева, г. Антонио Милошевски, г. Игор Ивановски, г.  Хајрула Мисини, г. Кенан Хасипи, г. Гордан Георгиев, г. Владимир Ѓорчев, како и г. Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија,  потоа г-ѓа Тања Хафнер-Адеми од Граѓанската платформа на Македонија и г. Живко Митревски од Сојузот на синдикатите на Македонија.

дневен редзаписникстенографски белешки

Click