Совети

Среда, 14 март 2012 година

Заедничка седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија и Националниот совет за евроинтеграции, денеска одржаа заедничка седница со единствена точка на дневниот ред, посветена на Информацијата за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија - ревизија 2011 година, за периодот 1.10.2011 - 31.12.2011 година.

На заедничката седница, покрај членовите и претставниците на Националниот совет за евроинтеграции и членовите на Комисијата за европски прашања, беа поканети и претставници од Делегацијата на Европската унија во Република Македонија и претставници на амбасадите на земјите-членки на Европската унија.

Расправата по точката од дневниот ред ја отвори претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини, кој  најпрво го поздрави отпочнувањето на високиот дијалог меѓу Скопје и Брисел за 23. и 24. поглавје, кои се однесуваат на правосудството и фундаменталните права, правдата, слободата и безбедноста.

Господин Мисини позитивно ја оцени и  содржината на Предлог-резолуцијата за напредокот на Република Македонија за 2011 година, на известителот Ричард Ховит, која денеска е на дневен ред на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур во делот кој се однесува на препораката на  Парламентот за  отпочнување на преговори меѓу Македонија и ЕУ  за членство во Унијата и преминување на земјата во втората фаза  од процесот за стабилизација и асоцијација.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Радмила Шекеринска,  отпочнувањето на високиот дијалог со Брисел го оцени како позитивен чекор, но укажа дека тоа не може да го замени скрининг-процесот и почетокот на преговорите.

Притоа, посочи дека за каков било почеток на пристапни преговори со ЕУ, неопходно е Владата на Република Македонија да изготви платформа  за преговори и да ја презентира пред Националниот совет за евроинтеграции.

Госпоѓа Шекеринска изрече критики и на начинот на кој е изработена тримесечната информација, бидејќи дава сувопарни податоци и бројки од кои не може да се заклучи како се одвивале реформите  по поглавјата и побара во иднина  Секреатаријатот да доставува посодржајни информации.

Во расправата учествуваа и пратениците: г-ѓа Силвана Бонева, г. Павле Трајанов, г. Јани Макрадули и г. Александар Спасеновски.

Во своите дискусии сите го поздравија утрешното отпочнување на  високиот дијалог на Република Македонија со Европската унија, како и предлогот на известителот Ховит за одредување на датум за преговори за пристап во Унијата без одлагање, но беа изречени и позитивни, но и негативни оценки на  досегашниот евроинтегративен процес на земјата.

Притоа, беа искажани спротивставени мислења за степенот на дипломатската активност на   министерството за надворешни работи, како и на  Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Македонија во однос на решавање на прашањето за името, но и за добивање на датум за почеток на  преговори со Унијата.

Во расправата, меѓу другото, стана збор и за прашања кои се однесуваат на: меѓуетничките односи и на безбедноста во земјата, решавањето на судските предмети, слободата на медиумите, препораката на ОБСЕ за ревизијата на  избирачките списоци, попис по европски стандарди, независноста на судството, декриминализација на клеветата и друго.

дневен редзаписникстенографски белешки

Click