Совети



Вторник, 16 октомври 2012 година

ЗАЕДНИЧКА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ И КОМИСИЈАТА ЗА ЕВРОПСКИ ПРАШАЊА

Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, денеска ја одржаа седмата заедничка седница, посветена на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2012 година.

На седницата беа поканети и членовите на Комисијата за надворешна политика, членовите на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, претставници на амбасадите на земјите-членки на Европската унија во Република Македонија и претставници на невладини организации. 

На почетокот на заедничката седница, свое обраќање имаше Н.Е. г. Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

Во расправата по Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2012 година, учествуваа: г-ѓа Теута Арифи, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжена за евроинтеграции; пратениците: г. Александар Спасеновски, г. Јани Макрадули, г-ѓа Ермира Мехмети, г. Зијадин Села; г. Тито Петковски, г. Павле Трајанов, г. Изет Зеќири, г-ѓа Лилјана Поповска, г-ѓа Мерал Узеири-Ферати и г. Самка Ибраимовски; како и г. Димитар Мирчев, советник во Кабинетот на претседателот на Република Македонија и член на Националниот совет; г. Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Република Македонија и член на Националниот совет; г. Антони Пешев, претставник на Стопанската комора на Република Македонија и претставник на Советот; г-ѓа Малинка Ристевска-Јорданова, директор на Институтот за европска политика и г-ѓа Лидија Димова, извршен директор на Македонскиот центар за европско образование.
Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања на заедничката сeдница ги донесоа следниве Заклучоци:

1. Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања ја поздравуваат повторената препорака на Европската комисија за почеток на преговори за членство на Република Македонија во Европската унија и истакнуваат дека препораките од Стратегијата за проширување и главните предизвици 2012-2013, даваат силен поттик на процесот на интеграција во Европската унија, за продолжување на политичките и економските реформи на Република Македонија како и на земјите од регионот;

2. Советот и Комисијата сметаат дека оценките и коментарите содржани во Извештајот се одраз на реалните состојби во Република Македонија за постигнатите резултати во 2012 година во процесот на нејзино интегрирање во Европската унија, за преземените одлуки, мерките кои се имплементирани и усвоените законски акти;

3. Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања ја поздравуваат силната посветеност, континуираната поддршка и безрезервниот ангажман на Европската комисија, во процесот на европската интеграција на Република Македонија;

4. Националниот совет за евроинтеграции  и Комисијата за европски прашања констатираат дека воспоставувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво претставува важна платформа со која се интензивираше реформскиот процес за пристапување кон Европската унија, за реализација на приоритетите, зајакнување на довербата и за приближување на европската перспектива на Република Македонија.

Советот и Комисијата го поздравуваат постигнатиот напредок во приоритетните области дефинирани во рамките на Пристапниот дијалог на високо ниво и истовремено укажуваат на потребата за задржување на реформскиот моментум, особено за да се обезбеди спроведување на реформите во клучните области;

5. Советот и Комисијата констатираат дека преминувањето на пристапниот процес за Република Македонија во следна фаза од европската интеграција ќе биде придобивка за натамошно зајакнување на реформите и меѓуетничките односи, зајакнување на кредибилитетот на Европската унија, како и охрабрување на реформските напори во целиот регион.
Во оваа насока и согласно досегашните четири препораки на Европската комисија, се повикува Европскиот совет да донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија;

6. Се истакнува дека одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи и меѓусебно прифатливо решение во врска со разликите за името, под покровителство на ОН, останува клучно во следната фаза од евроинтегративниот процес.
Особено се цени новиот моментум, според кој одлуката на Европскиот совет за почеток на пристапни преговори ќе придонесе за создавање на поволни услови за изнаоѓање на такво решение и подготвеноста на Европската комисија да презентира без одлагање преговарачка рамка во која исто така ќе биде земена предвид потребата да се реши прашањето за разликите околу името во раната фаза од пристапните преговори.

Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, укажувајќи дека иако билатералните проблеми не се дел од Копенхашките критериуми, ја нагласуваат потребата за натамошно одржување на македонско-грчкиот дијалог.
Во оваа насока, Националниот совет за евроинтеграции, како тело кое што го претставува општиот консензус за членството во Европската унија, останува на располагање за консултации околу можното решение;

7. Советот и Комисијата го поздравуваат враќањето на употребата на придавката „македонски“ во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2012 година, што е согласно принципот на почитување на европските различности и во контекст на јазичните и културните особености во Република Македонија, како и согласно званичната терминологија на Обединетите нации;

8. Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања ја истакнуваат потребата од одржување на моментумот во однос на идните предизвици од Охридскиот рамковен договор, кој останува клучен за развој на демократијата и владеење на правото во земјата.

Имплементацијата на Охридскиот рамковен договор и во иднина треба да послужи како алатка за унапредување на дијалогот меѓу заедниците;

9. Советот и Комисијата се залагаат, надлежните субјекти со сета одговорност и критичност да ги анализираат забелешките во Извештајот и да се обврзат за надминување на слабостите, особено оние спомнати во заклучоците и препораките од Стратегијата за проширување и главните предизвици 2011-2012, со цел преземање на обврските од претпристапните преговори.

Во оваа насока, Советот и Комисијата предлагаат Владата на Република Македонија итно да изготви план за реализација на препораките содржани во Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2012 година, со носители и рокови за реализација;

10. Советот и Комисијата ги повикуваат земјите-членки на ЕУ, согласно повторениот предлог на Европската комисија, без одложување да одобрат преминување кон втората фаза на асоцијација од Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европските заедници и нивните земји-членки од една страна и Република Македонија од друга страна.

11. Во периодот до одржување на седницата на Советот на ЕУ во декември 2012 година, Националниот совет и Комисијата укажуваат на потребата од активно вклучување на целокупниот потенцијал на државата во добивање на датум за почеток на преговори, ефикасни подготовки за реализацијата на сите активности кои ќе следат по добивањето на датумот; 

12. Советот и Комисијата ја нагласуваат потребата за продолжување на регионалната соработка на Република Македонија, на соработката со земјите-членки на ЕУ што нè поддржуваат на патот на нашето интегрирање, како и континуирано одржување на политичкиот дијалог со структурите на Унијата.

Советот и Комисијата ја нагласува важноста од продолжување на учеството на Република Македонија во регионалните иницијативи за соработка, вклучително Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Советот за регионална соработка и Централноевропскиот договор за слободна трговија;

13. Имајќи ја предвид стратешката и консезуална определба за пристапување кон Европската унија, Советот и Комисијата укажуваат на потребата од континуирана поддршка и соработка во процесот на интеграција, засилено мобилизирање и вклучување на целокупното општество, зголемување на промоцијата на евроинтеграцијата на локално ниво, преку сите надлежни институции и субјекти во насока на преземање на одговорностите од претпристапните преговори;

14. Советот и Комисијата истакнуваат дека во исполнувањето на поставените задачи, потребно е, во континуитет, позитивно да се афирмира Република Македонија како идна членка на Европската унија;

15. Советот и Комисијата ќе продолжат и во иднина ангажирано и континурано да ја остваруваат улогата на форум којшто придонесува за унапредување и одржување на политичкиот дијалог и општествениот консензус во процесите на евроинтегрирање на Република Македонија;

16. Со заклучоците на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања од расправата по Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2012, да бидат запознати Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија и Делегацијата на Европската унија во Република Македонија;

17. Заклучоците на Советот и Комисијата да се објават на интернет-страницата на Собранието на Република Македонија за да бидат достапни до пошироката јавност.

 дневен ред                             записник

Click