Совети



Четврток, 3 мај 2012 година

ЗАЕДНИЧКА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ И КОМИСИЈАТА ЗА ЕВРОПСКИ ПРАШАЊА

Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, денеска ја одржаа петтата заедничка седница со единствена точка на дневниот ред посветена на Информацијата за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на ЕУ на Европската унија - ревизија 2012. Информацијата го опфаќа периодот 1.1.2012 - 31.3.2012 година и е изготвена од Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Македонија.

На заедничката седница на Советот и Комисијата за европски прашања присуствуваа: Н.Е. Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, г.Роберт Лидл, раководител на Одделот за политика и информации и г-ѓа Марина Курте, советник за европска интеграција и правни прашања во Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

Информацијата за реализираните активности од НПАА - ревизија 2012, за периодот 1.1.2012 - 31.3.2012 година ја образложи г-ѓа Теута Арифи, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжена за европски прашања. Госпоѓа Арифи истакна дека Информацијата во себе ги содржи главните активности кои Владата на Република Македонија ги презема по отпочнување на Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската унија.

Госпоѓа Арифи истакна дека Пристапниот дијалог на високо ниво претставува чекор што Република Македонија го бараше од Европската унија како креативен пристап и своевиден бајпас на прашањето за спорот со името. Пристапниот дијалог им дава приоритет на важните теми кои Република Македонија како држава има потреба и обврска да ги заврши за да стане полноправна членка на Европската унија.

Госпоѓа Арифи ги информираше двете тела за одржаната прва средба на високо ниво на која Република Македонија презеде обврска за подготвување на патоказ со кој се утврдуваат правците во кои ќе се реализираат обврските кои произлегуваат на патот кон интеграцијата во ЕУ. Информацијата за реализираните активности од НПАА е вистинска ориентација за прашањата дебатирани на првата средба на Пристапниот дијалог на високо ниво.

Пристапниот дијалог на високо ниво опфаќа пет клучни теми и реформски цели  кои се однесуваат на медиумите, слободата на изразување и професионалните стандарди, реформите во судството, внатрешните односи и меѓуетничките односи, реформите во администрацијата, реформите во изборниот систем и изборните процедури и економските критериуми.

Во однос на слободата на изразување, медиумите и професионалните стандарди, од страна на вицепремиерот задолжен за европски прашања беше истакнато дека постои главна ориентација кон усогласување на законодавството со европските стандарди, во однос на клеветата, нивото на глобите, укинувањето на притворот како санкција и утврдување на јасни одредби за правните средства кои се применуваат. Во таа насока, продолжува дијалогот со претставниците на медиумите во однос на декриминализацијата на клеветата и на тоа поле продолжуваат и консултациите со експерти и стручни лица од Советот на Европа. Во тој контекст, се организираат и посебни обуки за спроведување на членот 10 од Европската конвенција за човековите права, за судиите кои имаат надлежност да постапуваат по кривичното дело клевета. Во оваа област се планираат соодветни измени на законската регулатива за Советот за радиодифузија, за септември 2012 година до кога треба да се спроведат низа консултации за измена на регулативата. Исто така приоритет и клучна цел претставува слободата на изразување.

Во однос на владеењето на правото и фундаменталните права, г-ѓа Арифи образложи дека се преземаат низа активности за зголемување на ефикасноста на судството, зајакнување на капацитите на судските институции, развој на софтвер за судската статистика, намалување на нерешените случаи во Врховниот суд, Управниот суд и Апелационите судови во Република Македонија, како и подобрување на инфраструктурата и опремата на Јавното обвинителство.

На планот на антикорупциските мерки, утврдени се уредби за начинот за проверка на содржината на изјавите за судир на интереси, како и план и динамика за проверка на претходно поднесените изјави за судир на интереси на избрани и именувани лица.

Значајно внимание се посветува на финансирањето на политичките партии, како и унапредување на законската регулатива за финансирање на партиите.

Госпоѓа Арифи информираше дека се планираат и измени на Законот за следење на комуникации со цел да се преиспита улогата на министерот за внатрешни работи во одобрувањето на посебните истражни мерки.

Подобрувањето на дијалогот на заедниците е една од обврските на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор. Госпоѓа Арифи информираше дека се подготовува Извештај за реализација на сите политики кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор.

Во однос на реформата на јавната администрација, се подготвува анализа на Законот за јавни и Законот за државни службеници, со интенција за преточување на наодите во нови законски решенија, како и спроведување на политики за вработување по принцип на транспарентност и доследност врз начелото на заслуги.

Во однос на реформата на изборниот процес, г-ѓа Арифи информираше дека е одржан вториот Управувачки комитет за прашањата од извештаите на ОБСЕ и ОДИХР за последните избори, како и за формирањето на две работни групи во рамки на Министерството за правда и Државната изборна комисија.

Во однос на последната цел од патоказот за реализација на приоритетните цели за 2012 година, односно делот кој ги опфаќа економските критериуми, г-ѓа Арифи информираше за активностите за зајакнување на пазарната економија, подобрување на пазарот на трудот, образованието и утврдување на функционална пазарна економија.

Во расправата на седницата, со свои дискусии, сугестии и препораки, учествуваа: г-ѓа Силвана Бонева, потпретседател на Советот; г. Хајрула Мисини, претседател на Комисијата за европски прашања и член на Советот; г. Јани Макрадули, пратеник и член на Комисијата за европски прашања; г. Зиадин Села, пратеник и член на Комисијата за европски прашања и заменик-член на Советот; г. Антонио Милошоски и г. Тито Петковски, пратеници и членови на Советот и г-ѓа Тања Хафнер Адеми, претставник од Граѓанската платформа на Македонија и претставник на Советот.


дневен ред                   записник                 стенографски белешки

Click