Среда, 16 септември 2009 годинаЕвропската комисија донесе стратегија против свинскиот грип
Европската комисија донесе стратегија за поддршка на земјите-членки во нивните напори ефективно да одговорат на пандемијата H1N1 2009. Со цел да се минимализира негативното влијание на пандемијата, Комисијата потенцираше колку е значајна тесната соработка меѓу земјите-членки во сите засегнати сектори. „Денеска Комисијата направи важен чекор во усвојувањето на стратегија која ги обединува клучните прашања од различни сектори за тоа како можеме да работиме заедно во Европа и со нашите глобални партнери за да ги намалиме негативните последици од пандемијата и да го заштитиме животот на повеќе луѓе. Треба да останеме будни и да продолжиме да ја координираме нашата подготовка да се одговори на пандемијата во следните месеци. Неопходна е тесна координација меѓу секторите и земјите-членки, да се помогне за решавање на социалните, економиските и здравствените последици од оваа пандемија, независно дали на европско, национално, регионално или локално ниво“, изјави ЕУ комесарот за здравство, Андрула Василиу.
Вакцинирањето и понатаму останува едно од најефективните средства за спречување на ширењето на пандемијата. Токму затоа, вниманието е насочено кон развој на вакцината и стратегиите за вакцинација, како и поддршка за земјите-членки во набавувањето на вакцини.
Комисијата ќе поддржува и трети земји за набавка и пристап до вакцини и подобра здравствена заштита. За да се осигура глобален здравствен одговор, ЕУ е во тесна соработка и со меѓународните здравствени организации.