Меѓународни организации и интеграции

ЕВРОПСКА УНИЈА

За Европската унија

Европската унија претставува единствена интеграција на суверени европски земји кои цврсто решиле да делат заедничка иднина и да здружуваат дел од својот национален суверенитет. Земјите членки на ЕУ дел од своите овластувања за донесување на одлуки им го делегираат на европските институции што ги имаат создадено за да можат одлуките за специфични работи од заеднички интерес да се донесуваат по демократски пат на ниво на Европа.

Терминот Европска унија во службена употреба е воведен со Договорот за Европска унија (Мастрихт во 1993 година), со кој се заменија трите правни интеграции на западноевропските држави: Европската економска заедница (EEC-European Economic Community), Европската заедница за јаглен и челик (ECSC - European Coal and Steel Community) и Европската заедница за атомска енергија (EUROATOM- European Atomic Energy Community).

Процесот на европската интеграција денес има влијание врз целиот континент, а тој е дел од светот кој брзо се менува и на кој му треба нова форма на стабилност.

Одржливиот развој, популациските трендови, економската динамичност, социјалната солидарност и одговорот на напредокот на науките се прашања кои не можат успешно да се решат на национално ниво.

Денес, првата декада на 21 век нуди посветла иднина, но исто така, ја соочува Европа со нови потешкотии и предизвици. Европската унија е отворена за секоја европска земја што ги исполнува демократските, политичките и економските критериуми за членство. Проширувањата ја зајакнаа демократијата, ја направија Европа побезбедна и го зголемија нејзиниот потенцијал за трговија и економски раст. Институциите на ЕУ ја докажаа својата вредност, но тие мораат да се прилагодат за да можат да се справат со проширувањето на Унијата и со сe поголемиот број задачи што таа треба да ги извршува. Секоја дефинитивна промена на сегашниот систем мора да обезбеди плуралитет и почитување на разликите кои се најскапоцената вредност на европските народи. Реформите мораат да се фокусираат  и на процесот на одлучување.

Од 1 јули 2013 година Европската унија има 28 земји членки и повеќе од 500 милиони жители.

Соработката на земјите членки се заснова на слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал во рамките на ЕУ без ограничувања во вид на царини или други препреки. Со цел ова да функционира, ЕУ го создаде Внатрешниот пазар. Земјите членки на Унијата соработуваат и во други области: заштита на животната средина, земјоделството, борбата против организираниот криминал.

Шенген соработката истовремено се нарекува пасошка унија на ЕУ што значи дека земјите кои учествуваат во неа немаат пасошка контрола при преминување на границите во рамките на шенгенското подрачје. Државјани на една шенген земја немаат потреба за пасош при патување во други шенген земји, доволно е да носат национална лична карта. Шенгенските одредби, исто така, предвидуваат и поблиска соработка и координација меѓу граничните и царинските власти, органите надлежни за издавање визи, судовите и полициите на земјите членки. Еден од главните инструменти за постигнување на оваа соработка е Schengen Information System, што претставува опширна база на податоци која им овозможува на овие власти да разменуваат информации од целиот шенгенски простор.

Главниот предизвик е да се зачува мирот и безбедноста и надвор од границите на Европската унија. За да се соочи со овој предизвик ЕУ развива заедничка надворешна и безбедносна политика за да може да дејствува како сила на стабилност, соработка и разбирање во светски рамки. 

Околу половина од земјите членки на ЕУ учествуваат во Европската монетарна унија. Во тие земји се употребува зедничката валута евро. Другите земји членки или не учествуваат или не ги исполнуваат условите за влез во монетарната унија.

Една земја членка не смее да ги фаворизира сопствените производи и услуги. Мора да се овозможи купување и продажба на стоката под исти услови на целата територија на ЕУ. Поради тоа ЕУ има една заедничка царинска стапка и единствена трговска политика.

Целта на Заедничката земјоделска политика на ЕУ е да обезбедува конкурентно земјоделство и производство на здрава храна. Голем дел од Буџетот на ЕУ се троши за земјоделската политика.

Земјоделството, шумарството и руралниот развој се круцијални за искористување на земјиштето и за управување со природните ресурси во европските рурални области. Зајакнувањето на Европската развојна и рурална политика претставува приоритет на ЕУ.

ЕУ има заеднички правила за заштита и подобрување на животната средина заштита на здравјето на луѓето и правилно искористување на природните богатства.

Земјите членки на ЕУ соработуваат во борбата против интернационалниот организиран криминал. Постојат заеднички правила за борба против тероризмот, трговијата со дрога и детската порнографија. Во борбата против криминалот соработуваат царинските, полициските органи и јавните обвинителства на земјите членки на ЕУ.

Главната цел на заедничката имиграциона политика е да се подобри управувањето со миграцијата преку координиран пристап имајќи ја предвид економската и демографската состојба на ЕУ.

 

 

Click