Активности



Вторник, 22 декември 2009 година

Дваесет и втора седница на Комисијата за одбрана и безбедност

Комисијата за одбрана и безбедност на Дваесет и втората седница, одржана на 21 декември 2009 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлог-одлуката за испраќање на припадници на АРМ за учество во мировна операција во Авганистан;
  2. Предлог-одлуката за испраќање на припадници на АРМ за учество во мировна операција на Европската унија во Босна и Херцеговина, ЕУФОР, АЛТЕА;
  3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (второ читање);
  4. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за производство и промет на вооружување и воена опрема (второ читање).

Заменик-министерот за одбрана, г. Емил Димитриевски, ја образложи потребата од испраќање на нова единица на Армијата на Република Македонија во мировна операција во Авганистан.

Припадниците на АРМ се испраќаат за период од шест месеци. Финансиските трошоци за транспорт, сместување, исхрана, гориво и итна медицинска помош ги обезбедува НАТО-алијансата и Кралството Норвешка, а останатиот дел Република Македонија.

Комисијата за одбрана и безбедност едногласно му предложи на Собранието на Република Македонија да ја разгледа и донесе Предлог-одлуката за испраќање на припадници на АРМ за учество во мировна операција во Авганистан во предложениот текст.

Во однос на испраќањето на нова единица на АРМ во мировната операција на Европската унија во Босна и Херцеговина ЕУФОР, АЛТЕА, заменик-министерот за одбрана образложи дека во оваа операција ќе се испратат еден медицински тим од 10 припадници на АРМ, еден офицер и еден подофицер.

Припадниците се испраќаат за период од шест месеци. Финансиските трошоци за учество во оваа мисија ги покрива Република Македонија.

Комисијата за одбрана и безбедност едногласно му предложи на Собранието на Република Македонија да ја разгледа и донесе Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировна операција на Европската унија во Босна и Херцеговина, ЕУФОР, АЛТЕА во предложениот текст.

За Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Комисијата со мнозинство гласови заклучи да го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Што се однесува на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за производство и промет на вооружување и воена опрема (второ читање), претседателот на Комисијата, г. Влатко Ѓорчев, ги извести пратениците дека во определениот рок, утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Комисијата едногласно заклучи Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за производство и промет на вооружување и воена опрема да го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.


Click