Активности



Понеделник, 21 декември 2009 година

Четириесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирње и буџет, на Четириесет и петтата седница, одржана на 17 декември 2009 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлогот на законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2010 година (по скратена постапка);
  2. Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за буџетите (по скратена постапка);
  3. Предлоот на законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа (по скратена постапка);
  4. Предлогот на законот за изменување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (по скратена постапка).

Воведно образложение по Предлогот на законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2010 година даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи. 

Тој истакна дека со овој закон поблизу се определуваат начинот и условите за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2010 година. Истиот претставува надополнување на одредбите од Законот за буџетите во врска со процедурите за управување и извршување на буџетите на поодделните буџетски корисници.

Со 8 гласа „за” и 3 „против”, Комисијата заклучи дека се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2010 година.

Во образложението по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за буџетите, заменик-министерот за финансии истакна дека целта на предложениот закон е усогласување со Законот за јавни набавки во делот на обезбедување на согласноста за повеќе годишните јавни набавки во програмите за развојниот  дел на Буџетот на Република Македонија. 

Исто така, со овој Предлог на закон се предлага одложување на примената на членот 10 од Законот за буџетите поради потребата од воведување на нови софтверски решенија за спроведување на одредбата од овој член.

Комисијата со 7 гласа „за “ и 3 „против” заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија  не се исполнети условите за подготвување на  Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за буџетите.

Во однос на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа,  г. Рамизи нагласи дека со предложените измени се врши усогласување со Законот за јавен долг, кој го уредува задолжувањето со што се формира кохерентен и хармонизиран систем на задолжување. Со измените се предлага и зголемување на процентот на приходите од ДДВ со што ќе се овозможи пораст на сопствените приходи на општините што ќе придонесе за нивно финансиско јакнење.

Со оглед на тоа што по овој Предлог на закон не беа поднесени амандмани, Комисијата едногласно заклучи дека не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.

Што се однесува на Предлогот на законот за изменување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, заменикот на министерот за финансии истакна дека  во услови на економска криза, доколку се применуваат стапките на придонесите за задолжително пензиско и инвалидско осигурување и задолжително здравствено осигурување, кои се дефинирани во основниот текст на законот, ќе се предизвика намалување на приходите на фондот за ПИОМ и на фондот за здравствено осигурување. Затоа е потребно да се ревидираат стапките на придонесите за задолжително пензиско и инвалидско осигурување и задолжително здравствено осигурување.

Бидејќи по овој Предлог на закон не беа поднесени амандмани, Комисијата со 6 гласа „за” и 3 „против”, заклучи дека не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон за изменување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Click