Активности



Понеделник, 30 ноември 2009 година

Македонија доби визна либерализација

Советот на министри за внатрешни работи и за правда на земјите-членки на Европската унија, на прес-конференција во Брисел, ја потврди визната либерализација за Македонија, Црна Гора и Србија, која ќе стартува од 19 декември годинава. Со одлуката се дополнува регулативата 539/2001 на ЕУ, односно овие три балкански земји преминуваат од „црната“ на „белата“ шенген-листа.

„Граѓаните на овие земји кои ќе сакаат да го празнуваат Божиќ со своите пријатели и роднини во шенгенскиот простор, сега ќе може да го направат тоа без потреба од вадење визи. Врските меѓу овие три земји и ЕУ се засилени со оваа одлука, која е многу важна за развојот на нашите односи. Со нетрпение го очекувам денот кога ќе можеме да донесеме одлука за ослободување од визи и за Албанија и Босна и Херцеговина“, изјави шведскиот министер за миграциска политика, г. Тобијас Билстром.

Одлуката беше донесена со квалификувано мнозинство, односно со поддршка од две третини од земјите-членки на ЕУ, а согласно неа, без визи ќе може да патуваат само лицата кои поседуваат биометриски патни исправи. За граѓаните со стари пасоши ќе важат условите за олеснет визен режим и тие ќе треба да приложат важечка шенген виза.

Визната либерализација ќе им овозможи на македонските граѓани да патуваат во 25 од 27 земји-членки на ЕУ (со исклучок на Велика Британија и Ирска) и во уште три европски земји - Норвешка, Швајцарија и Исланд, како и во Бугарија и Романија иако тие не се дел од шенгенскиот простор.

Безвизниот режим не значи можност за неограничен престој или работа во земјите од ЕУ. Македонските државјани ќе бидат ослободени од визата од типот „Ц“ која се однесува на кус престој, за туристички патувања најмногу до 90 дена во рок од шест месеци, односно до 180 дена во рок од една година.

За подолг престој во ЕУ ќе биде потребна виза од типот „Д“, која се однесува и за студиски и работен престој во Унијата, а се аплицира во амбасадата на земјата-дестинација.

На 12 ноември 2009 година Европскиот парламент со 550 гласа „за“, 51 „против“ и 37 „воздржани“ ја усвои Резолуцијата, со која се предлага укинување на визите за државјаните на трите балкански земји од 19 декември 2009 година. Претходно, препорака за укинување на визниот режим за трите земји на 15 јули 2009 година даде и Европската комисија.

 

Click