Вторник, 26 мај 2009 година
Претседателот на Собранието, г.Трајко Вељаноски ја прими делегацијата на групата за пријателство Франција-Македонија ОД Националното Собрание на Француската Република

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Трајко Вељаноски ги прими членовите на Пратеничката група за пријателство со Република Македонија од Француското национално собрание, предводени од претседателот на Групата, г. Филип Дурон. Поздравувајќи ја посетата, претседателот на Собранието истакна дека го радува фактот што во последните месеци се зајакнува соработката меѓу Франција и Македонија на високо ниво. Во оваа смисла тој ги спомена неодамнешните средби со својот колега, претседателот на Француското национално собрание, г. Бернар Акојер, како и со сенаторот, г. Роберт Бадентер, како и последната средба на премиерот, г. Никола Груевски, со францускиот претседател, г. Саркози. Исто така во оваа насока беа посетите на наши парламентарни делегации на Комисијата за надворешна политика и на Францускиот парламентарен канал.