Соопштенија

Четврток, 22 октомври 2009 година

Учество на делегација на Собранието на Република Македонија на Парламентарното собрание на Медитеранот и Парламентот на Република Турција во Истанбул

Во заедничка организација на Парламентарното собрание на Медитеранот и Парламентот на Република Турција, на 23 и 24 октомври 2009 година во Истанбул, Република Турција, ќе се одржи Четвртата редовна годишна сесија на Парламентарното собрание на Медитеранот.

На оваа сесија од Собранието на Република Македонија ќе учествуваат пратениците г. Сафет Незири, член на делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Медитеранот и г. Ванчо Коцев, заменик-член на делегацијата

На состанокот ќе се дебатира по предлозите на резолуциите подготвени според извештаите поднесени од трите постојани комитети на Парламентарното собрание на Медитеранот, а кои се однесуваат на: ситуацијата на Блискиот Исток, организираниот криминал, борбата против тероризмот, дијалогот на културите и религиите во медитеранскиот регион, енергетските прашања во медитеранскиот регион, екологијата и климатските промени, управувањето со водите, справувањето со природните катастрофи, малите и средни претпријатија и за прашањата на рамноправноста на половите. Овие извештаи беа разгледани на претходниот заеднички состанок на трите постојани комитети на Парламентарното собрание на Медитеранот, што се одржа кон крајот на јуни о.г. во Лисабон, Португалската Република.

На сесијата се очекува, на парламентарците да им се обратат еминентни политички личности: г. Мехмет Али Сахин, спикер на Големото национално собрание на Турција, г. Реџеп Таип Ердоган, премиер на Република Турција, г. Ахмет Давутоглу, министер за надворешни работи на Република Турција, г. Роберт Валтер, претседател на Собранието на ЗЕУ, г. Сима Бахус, заменик-генерален секретар на Лигата на арапски држави, како и г-ѓа Карен Абу Заид, генерален комесар на Агенцијата на ОН за помош за бегалци. 

 

 

 

 

 

Click