Активности


Понеделник, 27 декември 2010 година

Осумдесет и осма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на 23 декември 2010 година ја одржа својата Осумдесет и осма седница, на која како матично работно тело разгледа четири Предлог-закони, за кои воведно образложение даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за  административните такси (во прво читање), г. Рамизи истакна дека со предложените измени се овозможува  плаќање на  административните такси и со пренос на средства од една на друга трансакциска сметка, како кај општините, така и кај органите на државната управа, додека кај дипломатските и конзуларни претставништва на Република Македонија во странство, таксите се плаќаат во готови пари или на банкарски сметки отворени за наплата на конзуларните такси. 

Поради потребата од  усогласувањето на висината на таксите за визи со Кодексот за визи на Европската унија и висината на таксите што ја наплаќа органот за внатрешни работи на граничните премини, се предлагаат измени во однос на начинот на плаќањето на административните такси од делокругот на работењето на Министерството за надворешни работи и дипломатско-конзуларните претставништва.

Надлежноста на контрола на примената на одредбите од овој закон кај дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија со овој закон се пренесува на Министерството за надворешни работи, а ревизијата ќе ја врши Државниот завод за ревизија.

Во насока на ублажување на сегментот на казнената политика, се намалува  глобата која е пропишана со член 36 од Законот за околу 30%. Се предлагаат измени и во Тарифата на административните такси. 

Комисијата со осум гласа „за“ и еден „воздржан“, заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за административните такси  е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Комисијата го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари (во прво читање), за кој заменик-министерот за финансии истакна дека измените се во насока на имплементирање на мерките за унапредување на казнената политика и подобрување на деловната клима во Република Македонија.

Со измената и дополнувањето на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари се врши поделба на прекршоците во четири групи и тоа: полесни и потешки прекршоци сторени од давател на услуга брз трансфер на пари и полесни и потешки прекршоци сторени од субагент. 

Со измените во Законот се предвидува намалување на износот на глобата за сите видови на прекршоци, во просек за 40% во однос на постојните глоби.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредит (во прво читање), г. Рамизи истакна дека измените се во насока на имплементирање на мерките за унапредување на казнената политика и подобрување на деловната клима во Република Македонија.

Во таа насока потребно е да се изврши прегрупирање на прекршоците во Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредит и да се преоцени висината на глобите за прекршоците пропишани со овој закон, со цел тие да ја задржат репресивната функција соодветно на сторениот прекршок, но истовремено да биде прилагодена на големината на субјектот што го сторил прекршокот.

Истовремено, во насока на реализација на третата фаза на проектот Регулаторна гилотина, во Законот се имплементира принципот „Молчењето значи одобрување“ во постапката за издавање дозвола за одобрување на потрошувачки кредити.

Комисијата со седум гласа „за“ и три „против“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- На истата седница беше разгледан уште Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за сметководството за непрофитните организации (во прво читање).

Заменик-министерот за финансии во воведното образложение истакна дека со предложените измени и дополнувања се врши усогласување на Законот за сметководството за  непрофитните организации со Законот за прекршоци во однос на висината и распонот на глобите кои за сторен прекршок ќе се изречат на одговорното лице на непрофитната организација, водење на постапката за порамнување пред поднесување на барањето за поведување на прекршочна постапка и утврдување на органот кој ќе ја води прекршочната постапка.

Поради порастот на куповната цена и останатите трошоци за набавка на долгорочните средства, потребно е да се зголеми износот на постојната поединечна набавна вредност која е критериум за утврдување дали долгорочните средства ќе имаат третман на ситен инвентар и ќе се отпишат еднократно како расход. Долгорочните средства ќе биде потребно да имаат поединечен трошок на набавка во износ до 300 евра во денарска противвредност за да се класифицираат како ситен инвентар и да се отпишат еднократно.

Комисијата  едногласно заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.