Активности



Четврток, 23 декември 2010 година

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, по повод одбележувањето на илјада и сто години од упокојувањето на Свети Наум Чудотворецот

Почитуван претседател на Република Македонија, господин Ѓорге Иванов,
Почитуван поранешен претседател на Република Македонија, господин Киро Глигоров,
Почитувани колеги пратеници,
Почитуван Архиепископ господин господин Стефан, поглавар на Македонската православна црква - Охридска архиепископија,
Почитувани претставници на верските заедници,
Уважен претседател  на Македонската академија на науките и уметностите,
Екселенции,
Дами и господа,

Денешната свечена седница на Собранието на Република Македонија на своевиден начин го заокружува одбележувањето на илјада и сто години од упокојувањето на Свети Наум Чудотворецот, кој заедно со Свети Климент Охридски се најблиските ученици и следбеници на светите браќа Кирил и Методиј. Одбележување кое беше проследено со најразлични научни собири и културни манифестации во кои провејуваа, пред сè, животот и делата на Свети Наум Чудотворецот. Во сите овие манифестации, покрај Македонската православна црква - Охридска архиепископија, потоа Македонската академија на науките и Уметностите, активно беше вклучена и државата, односно најразлични државни институции.

Ова го истакнувам од причина што во темелите на денешна современа независна Република Македонија, во националниот, јазичен и културен идентитет на македонскиот народ е вградено и делото на светите браќа Кирил и Методиј, на нивните ученици Свети Климент Охридски и Свети Наум Чудотворецот, како и на многу други значајни личности од нашата подалечна и поблиска историја.

Исто толку значаен е и фактот дека во историските спомени на македонскиот народ, како и на другите наши сограѓани, припадници на другите етнички заедници и ден денес е многу жив, би рекол, ликот и делото на Свети Наум, како што сe живи и ликот и делото на многу други великани од нашево поднебје, да ја споменам само Мајка Тереза  најголемиот хуманист на дваесеттиот век.

Сето ова  ја покажува отвореноста на сите нас кои денес живееме во Република Македонија, како што беа отворени и солидарни нашите предци подготвени секогаш да му подадат рака на секој добар човек, без разлика на неговата национална, културна или верска различност, но притоа секогаш да го зачуваат и одбранат своето достоинство, својот национален, културен и јазичен идентитет.

Дами и господа,

Денес се вратив од Израел каде што имав средба и разговори како со мојот колега, претседателот на Кнесетот, така и со другите највисоки претставници на Израелската држава. Секако, кога ќе се спомене Израел прва мисла е Ерусалим, градот на три религии и лулката на нашата вера. Град кој со својата духовна енергија, со своите цивилизациски вредности остава незаборавни впечатоци.

Македонија пред единаесет века не била некаква европска провинција, туку еден од ретките европски духовни центри. Зарем мисијата на светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици, Свети Климент и Свети Наум, меѓу словенските народи да ја шират писменоста на нивниот мајчин јазик не се цивилизациски вредности, кои и денеска се живи и актуелни. Односно, наместо некаква себична екслузивност, овие духовни великани, во името на Христовото учење заедно со писменоста ја шират и солидарноста и љубовта како темелни цивилизациски вредности. Свети Наум  заедно со Свети Климент по враќањето во Охрид ја продолжува својата мисија и овие вредности. Свети Климент го гради првиот универзитет, додека Свети Наум, на најубавиот дел на охридскиот брег го гради Манастирот, односно  манастирски комплекс посветен на Свети Архангел. Во Манастирот според неговото житие тој развива широка духовна, литературна и просветителска активност. Уште пред единаесет века тој го втемелува монаштвото на овие простори, се занимава со преведување на духовните книги, а според некои истражувања и самиот создава литерарни дела. 

Секако познат е и по своето  практикување на хуманата медицина, лекувајќи болни од најразлични болести, а според некои преданија и болести поврзани со психолошки заболувања.

Интересен е фактот што веднаш по неговото упокојување народот не само од охридскиот крај туку и многу пошироко почнува да ги создава преданијата и легендите за чудотворната моќ на Свети Наум и неговата правичност, а сето тоа произлегувало од неговата цврста верба во Бога, Христовото учење и љубовта кон ближниот.

На овој начин се создава и култ за Свети Наум кој се проширува и до Корча, а исто така се наоѓа и во другите соседни држави, се до Романија и Унгарија. Интересен е фактот дека овој култ за Свети Наум во текот на овие единаесет века постојано се развива и него го прифаќаат и почитуваат и припадниците на другите вери.

Дами и господа,

За Свети Наум, како што народот го именува Чудотворец, за неговиот  живот и дело денес имаме многу богата научна литература зад која стојат имиња на научници, академици не само од Република Македонија и од Балканот, туку и од многу други европски држави. 

Многу научници и истражувачи истакнуваат дека делото и животот на Свети Наум сè уште се предизвик за многу сериозни научни истражувања. Верувам дека и ова одбележување на единаесет века од неговото упокојување, ќe биде дополнителен мотив, пред сè,  за младите истражувачи да продолжат да го истражуваат неговото дело и да создадаваат нови научни дела.

Исто така, Свети Наум и неговото дело биле инспирација и мотив  за многу книжевни дела, пред сè, на македонски писатели. Неговата слава, неговото чудотворство денес е вткаено во делата на Славко Јаневски, Блаже Конески, Богомил Ѓузел, Петре Бакевски и други.

Како што споменав на почетокот, ова ја отсликува неговата историска величина, но јас мислам и актуелност на сето она што тој го направил и ни го оставил како духовно и културно наследство. Токму врз делото на светите браќа Кирил и Методиј,  првиот универзитет на Свети Климент, како и духовното дејствување и практиката на Свети Наум е формиран македонскиот национален и културен идентитет, кој се развивал со векови и денес со право се вбројуваме како дел на европската цивилизација, дел на европското семејство на народи.  Во тој историски развој како народ сме преживеале најразлични премрежија, груби напади и негирање, окупации, војни и уништувања. 

И еве денес во својот историски развој сме овде, како независна, суверена, самостојна држава на македонскиот народ и на сите граѓани на Република Македонија.

Делото на овие великани сме должни, како народ, како држава и како граѓани и понатаму да го развиваме и да го споделуваме. За нас, како луѓе кои сме во политиката, без разлика дали сме во власта или опозицијата, одговорноста е уште поголема, бидејќи ние сме тие кои креираме политики, кои носиме закони, одлуки и други акти, кои на овој или на оној начин влијаат врз секојдневието на сите нас како граѓани.

Дами и господа,

Како што светите браќа Кирил и Методиј со своите ученици, меѓу кои и Свети Наум беа истрајни и тргнаа во Европа да ја шират писменоста, наша определба е полноправно членство во Европската унија. Определба која е константа во сите овие дваесет години на самостојност и зад која стојат не само политичките партии туку, пред сè, граѓаните.

Сите знаеме дека за да станете членка на евроатлантските интеграции потребно е да се исполнат повеќе услови, да се хармонизира нашето законодавство со европското, да се направат повеќе реформи, а сето ова го правиме не затоа што тоа некој го бара од нас, туку од сознанието дека сето тоа обезбедува поквалитетен живот за граѓаните на Република Македонија.

На тој наш пат во евроатлантските интеграции со право очекувавме и солидарност од нашите европски сограѓани, бидејќи токму солидарноста како принцип е еден од столбовите на здружена Европа. 

За жал уште на самиот почеток на нашето осамостојување се судривме со блокади наместо солидарност, а таа блокада задира во она најсветото, не само за нас, туку и за кој било народ, а тоа е неговото име, неговиот национален, јазичен и културен идентитет.

Ниту меѓународното право, ниту обичајното право не познава ваква апсурдност, но за жал таа реалност веќе дваесет години ја живееме.

Сепак, фактот дека веќе втора година добиваме препорака од Европската комисија за добивање датум за започнување на преговорите за полноправно членство не охрабрува или поточно речено ни потврдува дека одиме по добар пат. А не треба да потсетувам што се случи во Букурешт и зошто денес формално не сме  членка во НАТО, иако како држава активно учествуваме во мировните мисии ширум светот, односно даваме препознатлив придонес во зачувувањето на светскиот мир. 

Свесен сум дека ако се повлекуваат паралели со времето во кое живеел и дејствувал Свети Наум би навлегле во некоја патетичност која би ја девалвирала неговата величина и неговото дело. Сепак , Свети Наум цврсто верувал дека  тоа што го прави, го прави за тогашниот историски миг, но уште повеќе за иднината на сите оние генерации кои ќе дојдат по него.

Затоа и денеска кога одбележуваме илјада и сто години од упокојувањето на Свети Наум Чудотворецот потребно е да се прашаме колку во секој од нас е присутно чувството за подобра иднина на сите нас како граѓани, како општество, како држава, а не  само за својата дневна лична благосостојба, изразена преку материјална придобивка или ако сакате преку политичка моќ.

Денес, единаесет века по упокојувањето на Свети Наум живееме во процеси на светска глобализација, во свет на интернет и современи технологии на комуницирање, но вредностите кои ни ги оставија овие наши великани се исто толку живи и потребни. Затоа би сакал на крајот да апелирам до сите, постојано да се навраќаме и да ги развиваме и надградуваме овие морални вредности и принципи според кои живеел и дејствувал Свети Наум, како и другите великани од нашата историја. 

Свеченостите се потребни и секако ја изразуваат нашата почит кон овие личности, но уште повеќе е потребно во нашето секојдневие , во нашето работење и дејствување постојано да ни бидат пред очи овие вредности. Ако се остане само на свеченост, не само што ги девалвираме тие морални вредности и дела, туку ги доведуваме во прашање и нашата сегашност и иднина.

Само така  навистина може со гордост да кажеме дека сме наследници на делото на Свети Наум, на Свети Климент, на илинденците од првиот и вториот Илинден, на Мајка Тереза и на ред други великани кои потекнуваат одовде, а чии дела станаа составен дел на македонската, европската и светската цивилизација.

На крајот дозволете ми во мое име и во името на Собранието на Република Македонија  уште еднаш да изразам длабока почит кон ликот и делото на Свети Наум Чудотворец.

Ви благодарам на вниманието

Click