Активности

Петок, 26 ноември 2010 година

ОСУМНАЕСЕТТА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Националниот совет за евроинтеграции, на седницата одржана денеска, гo разгледа Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2010 година.

На седницата присуствуваше Н.Е Ференц Кекеши, амбасадор на Република Унгарија и претставниците на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, г-ѓа Марина Курте, политички советник и г. Роберт Лидел, советник и шеф на политички и информативен сектор.

Во расправата на седницата, со свои дискусии учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Флора Кадриу, г. Александар Спасеновски,  г. Петар Поп Арсов, г. Тито Петковски,  г. Андреј Жерновски и  г. Џеват Адеми, пратеници и членови на Советот, г. Васко Наумовски, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и г. Владо Камбовски, член на Советот, претставник од Македонската академија на науките и уметностите  и г. Димитар Мирчев, член на Советот и претставник на Кабинетот на претседателот на Република Македонија.

Националниот совет за евроинтеграции расправајќи по Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Mакедонија за 2010 година, ги донесе следните Заклучоци:

1. Националниот совет за евроинтеграции ја поздравува повторената препорака на Европската комисија за почеток на преговори за членство на Република Македонија во Европската унија и истакнува дека препораките од Стратегијата за проширување и главите предизвици 2010-2011 даваат силен поттик на процесот на интеграција во Европската унија, за продолжување на политичките и економските реформи на Република Македонија, како и на земјите од регионот.

2. Советот смета дека оценките и коментарите содржани во Извештајот се одраз на реалните состојби во Република Македонија за постигнатите резултати во 2010 година во процесот на нејзино интегрирање во Европската унија, за преземените одлуки, мерките кои се имплементирани и усвоените законски акти.

3. Советот се залага, надлежните субјекти, со сета сериозност и критичност да ги анализираат забелешките во Извештајот и да се обврзат за надминување на слабостите, особено за зајакнување на административниот капацитет за континуирано спроведување на реформите со цел преземање на обврските од претпристапните преговори. Во оваа насока, Советот предлага Владата на Република Македонија итно да изготви план за реализација на препораките содржани во Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2010 година, со носители и рокови на реализација (до крајот на месец декември 2010 година).

4. Имајќи ја предвид стратешката и консезуална определба за пристапување кон Европската унија, Советот укажува на потребата од континуирана поддршка и соработка во процесот на интеграција, засилено мобилизирање и вклучување на целокупното општество, преку сите надлежни институции и субјекти во насока на преземање на одговорностите од претпристапните преговори.

5. Во периодот до одржување на седницата на Советот на ЕУ во декември 2010 година, Советот укажува на потребата од активно вклучување на целокупниот потенцијал на државата во добивање на датум за почеток на преговори, ефикасни подготовки за реализацијата на сите активности кои ќе следат по добивањето на датумот. 
Воедно, Советот ги повикува земјите членки на ЕУ да одобрат преминување кон втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европските заедници и нивните земји членки од една страна и Република Македонија од друга страна.

6. Се истакнува дека одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи и меѓусебно прифатливо решение за прашањето за името под покровителство на ОН, е клучно во следната фаза од евроинтегративниот процес. Во оваа насока, Националниот совет за евроинтеграции како тело кое што го претставува општиот консензус за членството во Европската унија, останува на располагање за консултации околу можното решение.

7. Советот ја нагласува потребата од одржување и интензивирање на регионалната соработка на Република Македонија, соработката со земјите членки на ЕУ што нè поддржуваат на патот на нашето интегрирање, како и од унапредување на политичкиот дијалог со структурите на Унијата.

8. Советот истакнува дека во исполнувањето на поставените задачи, потребно е во континуитет, позитивно да се афирмира Република Македонија како идна членка на Европската унија.

9. Советот ќе продолжи и во иднина ангажирано и континурано да ја остварува улогата на форум кој што придонесува за унапредување и одржување на политичкиот дијалог и општествениот консензус во процесите на евроинтегрирање на Република Македонија.

10. Со заклучоците на Националниот совет за евроинтеграции по Извештајот на Европската комисија да бидат запознати Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија.

11. Заклучоците на Советот да се објават на интернет страницата на Собранието на Република Македонија за да бидат достапни до пошироката јавност.

На седницата Советот го разгледа и Извештајот за работата на Националниот совет за евроинтеграции за периодот од 25 декември 2009-30 јуни 2010 година. Во расправата учествуваа г-ѓа Радмила Шекеринска претседател на Националниот совет и г. Александар Кржаловски претставник на Граѓанската платформа на Македонија. По повод Извештајот за работата на Националниот совет, се усвоија следните Заклучоци:

1. Во периодот што претстои Националниот совет за евроинтеграции ќе продолжи подинамично да делува како активен чинител во процесот за заокружување на подготовките за членство на Република Македонија во ЕУ. Своите заложби особено ќе ги насочи кон унапредување на формите на координирана соработка со надлежните државни органи и со граѓанскиот сектор, проширување на дијалогот, организирање на јавни расправи по респективни теми, интензивирање на меѓународната соработка во земјата и во странство по прашања за евроинтеграциите и обезбедување на висок степен на транспарентност во својата работа.

2. Советот ќе продолжи да настојува да обезбеди поактивна улога на Собранието на Република Македонија во евроинтегративните процеси и ќе продолжи и во иднина ангажирано и континуирано да ја остварува улогата на форум којшто придонесува за унапредување и одржување на политичкиот дијалог и општествениот консензус во процесите на евроинтегрирање на Република Македонија.

3. Советот препорачува Собранието на Република Македонија да донесе измени и дополнувања на Одлуката за основање Национален совет за евроинтеграции („Службен весник на Република Македонија" бр.140/2007) и на Одлуката за именување на претседател, потпретседател и членови на Националниот совет за евроинтеграции („Службен весник на Република Македонија" бр.106/2008, 147/2008, 76/2009 и 106/2009), со можност да се предвидат заменици на членовите на Советот, заради продолжување на остварување на делегираните надлежности во полн капацитет.

дневен редзаписник

Click