Активности

Понеделник, 30 август 2010 година, Сала на Уставна комисија

Шеснаесетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на Шеснаесеттата седница, одржана денеска, ја разгледа Информацијата за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, ревизија 2010 за периодот од 01.4.2010 - 30.6.2010 година.

На седницата на Советот присуствуваа г-ѓа Марија Анхелес Гарсија де Лара, вршител на должноста амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија и г-ѓа Марина Курте, претставник од Делегација на Европска унија во Република Македонија.

Информацијата за реализираните активности од НПАА-ревизија 2010 за периодот од вториот квартал на годината ја презентираше г. Васко Наумовски, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања.

Целта на оваа информација е редовно информирање на Собранието на Република Македонија и на Националниот совет за евроинтеграции за степенот на спроведувaње на НПАА. Од вкупно 106 закони што се планирани да се донесат до крајот на 2010 година, во периодот од јануари до крајот на јуни годинава, на седниците на Владата се усвоиле 56 закони, 46 закони се објавиле во „Службен весник на РМ“ и 10 Предлог-закони биле во собраниска процедура.

Вицепремиерот за европски прашања го информираше Националниот совет дека до крајот на месец август, од страна на Владата усвоен е 61 закон, а дополнителни 20 закони се во владина процедура или во фаза на меѓуресорска консултација. Во првата половина од 2010 година, заклучно со периодот опфатен во Извештајот, извршено е усогласување на националното законодавство со 273 ЕУ-мерки. Од вкупно планираните 373 подзаконски акти за 2010 година, до 30 август усвоени се 123, а дополнителни 70 подзаконски акти се во фаза на меѓуресорска консултација.

Во расправата на седницата, со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Силвана Бонева потпретседател на Советот, г-ѓа Флора Кадриу, г. Тито Петковски и г. Петар Поп-Арсов, пратеници и членови на Советот, г. Димитар Мирчев, член на Советот и претставник на Кабинетот на претседателот на Република Македонија, г.Александар Кржаловски, претставник од Граѓанска платформа на Македонија и г. Слободан Антевски од Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија.

дневен реддневен редзаписник

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.