Активности



Четврток, 14 април 2011 година

Сто и четврта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Сто и четвртата седница, одржана на 14 април 2011 година, како матично работно тело го разгледа:

  • Предлогот на закон за изменување на Законот за акцизите (по скратена постапка).

Воведно образложение по поднесениот закон даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Тој истакна дека предложените измени се во насока на намалување на акцизата на одделни нафтени деривати и тоа за безоловните бензини (Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98) и дизел горивата (Еуродизел БС (Д-Е-В). Намалувањето на акцизата за безоловните бензини изнесува 4 денари по литар, а за дизел горивата 2 денари по литар.

Целта на предложените решенија е да се ублажи ефектот од зголемените цени на нафтените деривати, како резултат на зголемената цена на барел сирова нафта на светските пазари. Намалувањето на акцизата на безоловните бензини и на дизел горивата се очекува да го ублажи падот на потрошувачката, со што би се компензирал негативниот ефект.

Со оглед на тоа што по овој Предлог на закон не беа поднесени амандмани, Комисијата едногласно заклучи дека не се исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог на закон и му предлага на Собранието да го разгледа и да го донесе законот за изменување на Законот за акцизите.

Click