Активности



Среда, 13 април 2011 година

Шеесет и петта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Шеесет и петтата седница, одржана на 8 април 2011 година, како матично работно тело го разгледа:  

  • Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на производите, по скратена постапка.

Претседателот на Комисијата, г. Љубисав Иванов-Ѕинго, ги извести пратениците дека во рокот утврден во Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Образложение на Предлог-законот даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Васков.

Беше истакнато дека со предложените измени и дополнувања се врши терминолошко усогласување на дел од дефинициите со Директивата 95/2001 на Европскиот парламент, којшто ја регулира оваа област на земјите-членки на Европската унија. Со предложените измени се врши дополнување и доуредување на дефинициите коишто постојат во самиот Закон.

Вториот дел од причините поради коишто се предлагаат овие измени и дополнувања, се однесува на допрецизирање, односно прецизно раздвојување на надлежностите на сите органи на инспекциски надзор коишто во согласност на одредбите на законот вршат контрола и надзор во спроведување на истиот.

Заменик-министерот за економија истакна дека сите инспекциски органи коишто се вклучени во контрола, согласно на овој Закон ќе имаат можност, истовремено и должност јасно да ги разграничат своите надлежности и истите да бидат многу попрецизно дефинирани.

Третиот дел на предложените измени и дополнувања се однесува на точното дефинирање на контакт точката во Република Македонија на системот за брзо известување, во случај кога на внатрешниот пазар би се појавиле небезбедни, односно производи коишто имаат значителен ризик за потрошувачите.

Беше истакнато дека со предложените измени и дополнувања на Законот за безбедност на производите се врши дефинирање дека Министерството за економија, односно Државниот пазарен инспекторат е контакт точката во Република Македонија за имплементација и спроведување на системот за брзо известување за небезбедните производи.

Заменик-министерот за економија истакна дека предложените измени и дополнувања значат чекор напред во однос на усогласувањето на македонското со законодавството на Европската унија, но исто така и од аспект на функционирање на пазарот во Република Македонија ќе се овозможи многу голема транспарентност во однос на информираност и запознаеност на граѓаните со видот  и со начинот којшто се врши контролата за безбедност на производите.

Во расправата на Комисијата учествуваа претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Љубисав Иванов-Ѕинго, членот на Комисијата за економски прашања, г. Ванчо Коцев и заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Васков.

Комисијата за економски прашања, врз основа на расправата, едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за безбедност на производите, по скратена постапка е прифатлив и дека треба да се проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click