Активности



Петок, 8 април 2011 година

Седумдесет и трета седница на Комисијата за европски прашања
 
Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, на Седумдесет и третата седница, одржана на 7 април 2011 година, како заинтересирано работно тело по скратена постапка-второ читање ги разгледа:

  1. Предлог- законот за изменување и дополнување на  Кривичниот законик;
  2. Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на производите.

На седницата на Комисијата, по Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше заменик-министерот за правда, г. Ибрахим Ибрахими, кој ја образложи потребата од донесување на Законот од аспект на неговата усогласеност со Европската унија.

Претседателот на Комисијата, г. Петар Поп-Арсов, подвлече дека со овие измени и дополнувања се врши понатамошно усогласување со европското законодавство и истите се предвидени во Националната програма за усвојување на правото на Европската унија. Исто така, тој посочи дека Комисијата за европски прашања го разгледува овој Предлог-закон од аспект на неговата усогласеност со правото на ЕУ и поради тоа не треба да се на влегува во материјална расправа по истиот.

Во расправата учествуваа пратениците: г-ѓа Роза Топузова-Каревска и г. Петар Поп-Арсов.

Пратеникот г-ѓа Роза Топузова-Каревска истакна дека одредбите на Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик кои не се однесуваат на изборите, не треба да се предлагаат во толку кус период и во скратена постапка, поради недоволно време за разгледување и евентуално амандманско интервенирање.

Во тој контекст, заменик-министерот Ибрахими потенцираше дека овие измени и дополнувања се од технички карактер и повеќето од нив претставуваат усогласување со меѓународните конвенции и стандарди во оваа област, освен одредбите кои се однесуваат на воведување на посебен регистар за осудени лица, чие донесување претставува приоритет со оглед на придонесот кој овој регистар ќе го даде во севкупните активности на Република Македонија за превенција и борба против сексуалната злоупотреба на децата.

По Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на производите, на Комисијата во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше заменик-министерот за економија, г. Методиј Хаџи-Васков, кој ја образложи потребата од донесување на Законот од аспект на неговата усогласеност со Европската унија.

  • Комисијата со по девет гласа „за“ заклучи дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на производите треба да се проследат на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.
Click