Активности



Вторник, 25 јануари 2011 година

Израел - константен поддржувач на Македонија во меѓународните односи

Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Државата Израел денеска во Собранието на Република Македонија оствари средба со Делегација на Меѓународната оперативна (работна) група за соработка во образованието, сеќавањето и истражувањето на Холокаустот.

На средбата, покрај претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Државата Израел, г. Павле Трајанов, присутвуваа и членовите: г-ѓа Славица Грковска, г. Владо Стефаноски и г-ѓа Лилјана Поповска.

Во состав на Делегацијата на Меѓународна оперативна (работна) група за соработка во образованието, сеќавањето и истражувањето на Холокаустот беа г. Марк Вајцман, г. Стевен Смит и г-ѓа Наама Шик, како и амбасадорот на Државата Израел во Република Македонија, г. Давид Коен и г. Виктор Мизрахи, претседател на Еврејската заедница на Македонија за Холокаустот.

Претседателот Трајанов изрази задоволство од средбата и истакна дека „државата Израел е пријателска земја на Република Македонија и наш константен поддржувач во меѓународните односи “.

Воедно, тој ги поздрави и поддржа активностите на Меѓународната оперативна група, потсетувајќи дека и Република Македонија посветено и континуирано работи на прашањата сврзани со статусот на Евреите во нашата земја. Исто така, Македонија и официјално побара да има статус набљудувач во оваа Работна група, која ќе ѝ овозможи да ги искористи искуствата на државите со понапреден статус и во исто време да даде свој придонес во остварувањето на целите на групата.

Присутните изразија задоволство од континуираниот и интензивиран напредок и продлабочување на односите и соработката меѓу овие две држави и се сложија дека најголемата инвестиција во едно општество е инвестицијата во меѓународното разбирање, толеранцијата и меѓусебното почитување.

Одлуката на Република Македонија за приклучување кон оваа Група и градење на гаранција за разбирање помеѓу идните генерации, е порака која може да се пренесе и пошироко на Балканот.

Click