Активности


Петок, 15 април 2011 година

Изјава на претседателот Вељаноски по потпишувањето на Решението за распишување на предвремени парламентарни избори

Почитувани претставници на медиумите,

Денеска, согласно уставните надлежности, а врз основа на одлуката за распуштање која вчера ја донесе Собранието на Република Македонија, го потпишав Решението за распишување на предвремени парламентарни избори, кои ќе се одржат на 5 јуни 2011 година.

Суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. На крајот од вчерашниот ден, Собранието одлучи дека легитимитетот на  парламентарните политички субјекти треба да биде проверен од страна на граѓаните на Република Македонија на предвремени парламентарни избори.

Би сакал во оваа прилика да апелирам до сите политички партии за одговорноста која секоја од нив ја има во обезбедувањето на услови за одржување на фер и демократски избори. Се разбира, секоја политичка партија ќе настојува за своите ставови да обезбеди што поголема поддршка од граѓаните и јавноста во целина. Но, истовремено, секоја политичка партија во наредниот период има шанса да даде свој придонес кон создавањето на конструктивна атмосфера и кон јакнењето на меѓусебната доверба.

Истовремено, ги повикувам членовите и симпатизерите на политичките партии, фер и достоинствено да учествуваат во целиот изборен процес и секогаш да водат сметка за вкупните заеднички интереси на државата.   

Конечната оценка за прифатливоста на предложените програми ја даваат граѓаните. Во оваа смисла, ги повикувам граѓаните на Република Македонија да излезат на распишаните предвремени избори и да го изразат свој став кому треба да му ја дадат довербата и мандатот за водење на Република Македонија во наредниот период. 

Дозволете, на крајот, да Ве повикам и Вас медиумите да го дадете својот придонес во изборниот процес.

Воедно, би сакал да Ви се заблагодарам за досегашната соработка.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.