Активности



Среда, 9 март 2011 година

Средба на претседателот Вељаноски со словенечкиот министер за надворешни работи, г. Самуел Жбогар

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Словенија, г. Самуел Жбогар.

На средбата и двете страни билатералните односи ги оценија како многу добри во сите сфери од политиката, културата и економијата, а се интерес и на двете држави и затоа тие постојано се надоградуваат и прошируваат. Претседателот Трајко Вељаноски посебно ја истакна соработката меѓу двата парламенти и тоа на сите нивоа, од групите за пријателство, комисиите и на ниво на редовни средби на претседателите. Зборувајќи за актуелните состојби, претседателот на Собранието Вељаноски истакна дека во европската практика на парламентарната демократија одамна е напуштен бојкотот како метода на притисок.

„Кај нас поаѓајќи од Деловникот, Законот за Собрание и Уставот, создадена е вистинска и ефикасна рамка за водење на политички дијалог според принципите кои владеат во државите-членки на ЕУ. Тоа беше јасно истакнато и во последните два извештаи на Европската комисија за напредокот на Република Македонија“, истакна претседателот Трајко Вељаноски.

Словенечкиот министер за надворешни работи, г. Самуел Жбогар, истакна дека високо развиените билатерални односи меѓу двете држави се еден од приоритетите на словенечката надворешна политика. Според оцената на г. Жбогар, Република Македонија предолго чека на добивање на датум за отпочнување на преговорите со ЕУ. Сепак, иако билатералниот спор со Грција не би требало да биде услов за ова, со оглед на начинот на одлучување во ЕУ и НАТО, г. Жбогар препорачува тој спор да се реши што е можно побрзо, бидејќи тоа е во интерес на Република Македонија, но и во интерес на стабилноста во регионот и на ЕУ.

Потсетувајќи дека годинава и двете држави одбележуваат дваесет години од осамостојувањето, министерот Жбогар изрази надеж дека на прославата во Љубљана ќе присуствува и делегација на Собранието и претседателот Трајко Вељаноски.

Click