Активности



Петок, 1 април 2011 година

Сто и прва седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на денешната Сто и прва седница, како матично работно тело во прво читање разгледа единаесет Предлог-закони, кои ги образложи заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Комисијата ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за  дополнување на Царинскиот закон (во прво читање);
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за даночна постапка (во прво читање) ;
  3. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за финансиски друштва (во прво читање) ;
  4. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот на игрите на среќа и за забавните игри;
  5. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за лизинг;
  6. Предлогот на закон за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити;
  7. Предлогот на закон за дополнување на Законот за даноците на имот;
  8. Предлогот на закон за дополнување на Законот за јавните набавки;
  9. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување;
  10. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за царинската управа;
  11. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.             

- Во воведното образложение по Предлогот на закон за дополнување на Царинскиот закон, заменик-министерот за финансии истакна дека со предложените дополнувања ќе се овозможи ефикасно применување на царинските прописи и тоа преку донесување на актите во законски пропишаните рокови, а по поднесени барања или жалби, со што ќе се овозможи подобрување на бизнис климата и поодговорна и поефикасна работа на  администрацијата, бидејќи според направените анализи е утврдено дека од страна на надлежните органи по поднесени барања на лица учесници во царинската постапка, не секогаш истите се решаваат во пропишаните рокови за  нивно донесување. 

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за даночна постапка, г. Рамизи истакна дека основна цел на предложените изменувања и дополнувања е пропишување на основ со кој ќе се овозможи лице овластено од страна  на министерот за финансии да може да ги потпишува решенијата со кои се одлучува по жалба на даночните управни акти кои се донесени од Управата за јавни приходи. 

Истовремено, во Предлогот на законот се имплементираат нови одредби со кои ќе се овозможи побрзо и поефикасно одлучување по поднесена жалба против даночен управен акт на организационата единица на Управата за јавни приходи, по која одлучува министерот за финансии или од него овластено лице.

- Во врска со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за финансиски друштва, заменикот на министерот за финансии истакна дека предложените измени и дополнувања се во насока на побрзо и поефикасно остварување на правата на граѓаните по однос на поднесеното барање за добивање дозвола за основање и работа на финансиско друштво.

Со одредбите во членот 1 се врши прецизирање на дефиницијата на факторингот кој се дефинира како финансиска активност кај која факторот врши купување на недостасани побарувања од домашни и странски правни лица, со или без право на регрес.

Со Предлогот на законот се додава нов член 10-а со кој се уредува постапката во случај на непостапување по барањето за издавање на дозвола за основање и работа на финансиско друштво.

Со членот 3 се врши усогласување со Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, односно се предвидува жалба по решенијата што ги донесува министерот за финансии согласно со овој закон да се поднесува до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, бидејќи досегашните Комисии при Владата на Република Македонија за решавање по жалби во второстепена постапка се укинуваат.

- Заменик-министерот за финансии истакна дека со предложените измени и дополнувања на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот на игрите на среќа и за забавните игри се врши имплементирање на институтот „молчењето е одобрување“, утврден во Законот за општата управна постапка.

Имено, овој институт се воведува кај постапките што се водат пред Министерството за финансии по поднесени барања за издавање на дозвола за приредување на игрите на среќа наградна игра, забавна игра и интерактивна игра на среќа и кај постапките по поднесените барања за добивање на согласност на уплатно-исплатните места, за промена на деловната просторија каде се приредуваат игрите на среќа или забавните игри и кај постапките по поднесените барања за промена на бројот на автоматите и масите во казината и автоматите во автомат-клубовите.
 
- Предложените измени и дополнувања на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за лизинг, се во насока на побрзо и поефикасно остварување на правата на граѓаните по однос на поднесеното барање за добивање дозвола за основање и работа на давател на финансиски лизинг.

Со членот 1 се врши усогласување со Законот за Влада на Република Македонија, односно се предвидува по решенијата што ги донесува министерот за финансии согласно со овој закон жалба да се поднесува до Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, бидејќи досегашните Комисии при Владата на Република Македонија за решавање по жалби во второстепена постапка се укинуваат.

Овие одредби ќе имаат одложена примена, односно ќе се применуваат од денот на започнување со работа на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Со членот 2 се уредува постапување во случај доколку министерот за финансии не постапи по барањето за издавање на дозвола за основање и работа на давател на финансиски лизинг согласно со измените во Законот за општата управна постапка.

Оваа постапка се применува и при издавање на дозволи за статусни промени на лизинг друштвата и во постапката на давање согласност.

- Во воведното образложение по Предлогот на закон за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, г. Рамизи истакна дека основна цел на предложениот закон е да се обезбеди фер пристап до потрошувачите при склучувањето на договори за потрошувачки кредити, кој подразбира рекламирање и давање на податоци за сите важни елементи на договорите за потрошувачки кредити пред нивното склучување.

На тој начин, ќе се постигне заштита на потрошувачите, односно на физичките лица кои немаат доволно познавања од оваа област и ќе се одбегне плаќањето на таканаречените скриени трошоци.

Законот ги обврзува кредиторите да им дадат на потрошувачите информации за договорот за потрошувачки кредит, правата и обврските што произлегуваат од договорот, вкупните трошоци што ги плаќа потрошувачот и друго.

- Заменик-министерот за финансии по Предлогот на закон за дополнување на Законот за  даноците на имот истакна дека основната цел на предложените дополнувања е забрзување на постапката за донесување на решенија за утврдување на данок на наследство и подарок, данок на промет на недвижности пред првостепениот орган, односно во постапка пред општинската администрација, како и постапката по поднесена жалба  на првостепеното решение пред министерството за финансии.

Исто така, со наведените дополнувања ќе се спроведе и механизам за подобра заштита на правата на граѓаните пред управните органи. 

- За Предлогот на закон за дополнување на Законот за  јавните набавки г. Рамизи истакна дека целта е навремено решавање на жалбите од страна на Државната комисија за жалби по јавни набавки, односно обезбедување на ефикасен механизам на заштита на правата на жалителите во жалбените постапки што се водат пред Државната комисија за жалби по јавни набавки.

- Заменикот на министерот за финансии по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за  придонеси од задолжително социјално осигурување истакна дека потребата од одредени измени произлегува од практиката која наметна потреба од доуредување на одредени сегменти во системот на придонесите од задолжително социјално осигурување, кои се однесуваат на овозможување на пристапување во здравствено осигурување за лицата кои не се опфатени со здравствено осигурување по една од точките 1 до 14 на став 1 од член 10 од законот.

Со предложените измени и дополнувања на законот се пропишуваат критериуми врз основа на кои овие лица ќе го остварат правото на здравствено осигурување, како и дополнителни критериуми и основици за доброволно пристапување во задолжително здравствено осигурување.

- Што се однесува на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за  царинската управа, г. Рамизи истакна дека со него се врши дополнување на надлежностите на Царинската управа како резултат на дадените овластувања согласно законот за кривичната постапка, како и усогласувањето во делот на постапување по жалба до донесени решенија од работен однос на начин што со оваа измена и дополнување се врши и усогласување со Законот за основање на државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однов во втор степен.

Воедно, со оваа измена се воведува стручен испит, се утврдуваат начините на престанок на работен однос на царинскиот службеник, се уредува суспендирањето, се уредува надоместокот и начинот на неговото остварување, се уредуваат дисциплинските мерки, се воведува отказен рок.

Со донесувањето на овој Закон ќе изврши усогласување со Законот за кривичната постапка и Законот за основање на државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен  со воведување на нова надлежност за Царинската управа и со воведување на право на приговор пред друг орган.

Исто така, се овозможуваат и покуси рокови за постапување по јавен оглас, јасно одредување на преземањето на работник во Царинската управа, јасно одредување на третманот на нововработените царински службеници со воведување на полагање на стручен испит, последиците од неуспешно полагање на стручниот испит. Јасно одредување на начините на престанок на работниот однос, јасно определување на случаите на откажување на договорот за вработување, определување на надоместоците при распоредување, поделба на дисциплинските мерки кои ќе се изрекуваат согласно тежината на дисциплинската одговорност на царинскиот службеник, воведување на отказен рок во случај на откажување на договор за вработување.

-  Беше разгледан уште Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за  приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, за кој г. Рамизи истакна дека со него се пропишуваат дополнителни одредби во насока на заштита на правата и правните интереси на странките во управната постапка од областа на приватизацијата на градежното земјиште во државна сопственост, разработувајќи го институтот „администрацијата не молчи“, при што се утврдуваат конкретни процесни дејства кои им стојат на располагање на странките, на управните органи и на Државниот управен инспекторат.

Со предложеното изменување и дополнување на овој закон ќе се зголеми ефикасноста, ефективноста и одговорноста на управните органи во постапките за решавање на барањата на странките, а подносителите на барањата ќе можат на побрз и поефикасен начин да го остварат своето право утврдено со овој закон, односно побрзо да се стекнат со правото на сопственост на градежното земјиште.

Комисијата за сите Предлог-закони едногласно заклучи дека се прифатливи и можат да се дадат на натамошно читање.

Click