Активности



Четврток, 15 декември 2011 година

Седумнаесеттата седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Седумнаесеттата седница, одржана на 14 декември 2011 година, како матично работно тело, во второ читање, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за дополнителна супервизија на финансиски конгломерат;
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки;
  3. Предлогот на закон за вложување на Република Македонија во акционерскиот капитал на Европа Ре;
  4. Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за осигурување од природни катастрофи;
  5. Предлогот на закон за дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања;
  6. Предлогот на закон за изменување на Законот за платниот промет;
  7. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Царинскиот закон;
  8. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинска тарифа. 

- Во однос на Предлогот на закон за дополнителна супервизија на финансиски конгломерат, Предлогoт на закон за вложување на Република Македонија во акционерскиот капитал на Европа Ре и Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за осигурување од природни катастрофи, Комисијата едногласно заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се исполнети условите за подготвување на  Дополнет предлог и му предлага на Собранието на Република Македонија да ги разгледа и донесе Законите.

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, Комисијата како матично работно тело разгледа 11 Амандмани поднесени од пратеничката група на СДСМ, од кои 9 не усвои, а два беа повлечени од предлагачите.

Комисијата со 6 гласа „за“ и 3 „против“, заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија не се исполнети условите за подготвување на  Дополнет предлог  и му предлага на Собранието на Република Македонија  да го разгледа и донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки.

- Во врска со Предлогот на законот за дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања, како матично работно тело Комисијата го разгледа:

  • Амандманот  за бришење на членот 1, поднесен од пратениците Миле Андонов, Марјанчо Николов, Стојко Пауновски, Самка Ибраимоски, Панче Орцев и Борче Ставров.

Со три гласа „за“ и шест „против“, Комисијата не го усвои овој амандман.    

Комисијата со шест гласа „за“ и три „против“ заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија не се исполнети условите за подготвување на  Дополнет предлог на закон и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе законот за дополнување на Законот за регистрирање на готовински плаќања.

- По Предлогот на закон за изменување на Законот за платниот промет, врз основа на членот 149 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, на предлог на пратеникот Светлана Карапетрова, Комисијата за финансирање и буџет го поднесе следниов Амандман:

  • Во членот 2 зборовите „осмиот ден од“ се заменуваат со зборот „со“.

    Образложение: Со членот 2 од Предлог-законот, влегувањето во сила на законот е утврдено во рок од осум дена од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“. Со цел да не се создаде правен вакуум од донесувањето до влегување во сила на законот, се предлага амандман со кој законот ќе влезе во сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

Комисијата едногласно заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија, се исполнети условите за подготвување на  Дополнет предлог на закон за изменување на Законот за платниот промет.

- Што се однесува на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Царинскиот закон и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинска тарифа, ќе биде изготвен дополнет предлог.

Click