Активности

Четврток, 27 октомври 2011 година

Четврта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции, денеска ја одржа својата Четврта седница, на која ги разгледа Предлог-заклучоците на Националниот совет за евроинтеграции по Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година.

Во расправата учествуваа: г-ѓа Силвана Бонева, потпретседател на Советот; г. Антонио Милошоски, г. Гордан Георгиев, г. Талат Џафери, г. Кенан Хасипи, пратеници и членови на Советот и г. Живко Митревски од Сојузот на Синдикати на Македонија.

На седницата на Советот присуствуваа: г. Андреј Калиновски од Амбасадата на Република Полска во Република Македонија и г-ѓа Марина Курте, советник за европски интеграции и правни прашања во Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

Националниот совет за евроинтеграции, по повод Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Mакедонија за 2011 година, ги донесе следниве Заклучоци:

1. „Националниот совет за евроинтеграции ја поздравува повторената препорака на Европската комисија за почеток на преговори за членство на Република Македонија во Европската унија и истакнува дека препораките од Стратегијата за проширување и главните предизвици 2011-2012, даваат силен поттик на процесот на интеграција во Европската унија, за продолжување на политичките и економските реформи на Република Македонија како и на земјите од регионот.

2. Советот смета дека оценките и коментарите содржани во Извештајот се одраз на реалните состојби во Република Македонија за постигнатите резултати во 2011 година во процесот на нејзино интегрирање во Европската унија, за превземените одлуки, мерките кои се имплементирани и усвоените законски акти.

3. Советот се залага, надлежните субјекти, со сета одговорност и критичност да ги анализираат забелешките во Извештајот и да се обврзат за надминување на слабостите, особено оние спомнати во заклучоците и препораките од Стратегијата за проширување и главните предизвици 2011-2012, со цел преземање на обврските од претпристапните преговори.
Во оваа насока, Советот предлага Владата на Република Македонија итно да изготви план за реализација на препораките содржани во Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2011 година, со носители и рокови за реализација.

4. Националниот совет го поздравува фактот дека најголем дел од Собраниските работни тела го разгледаа Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година и по повод расправата усвоија заклучоци. Се задолжуваат работните тела на Собранието на Република Македонија да го следат акцискиот план за реализација на препораките од Извештајот за напредокот за 2011 година како и Националната програма за усвојување на правото на Европската унија.

5. Имајќи ја предвид стратешката и консезуална определба за пристапување кон Европската унија, Советот укажува на потребата од континуирана поддршка и соработка во процесот на интеграција, засилено мобилизирање и вклучување на целокупното општество, зголемување на промоцијата на евроинтеграцијата на локално ниво, преку сите надлежни институции и субјекти во насока на преземање на одговорностите од претпристапните преговори.

6. Придвижувањето на пристапниот процес за Република Македонија во следна  фаза од европската интеграција ќе биде придобивка за реформскиот моментум, климата на меѓуетничките односи и ќе има позитивно влијание врз регионот.

7. Во периодот до одржување на седницата на Советот на ЕУ во декември 2011 година, Советот укажува на потребата од активно вклучување на целокупниот потенцијал на државата во добивање на датум за почеток на преговори, ефикасни подготовки за реализацијата на сите активности кои ќе следат по добивањето на датумот. 

8. Советот ги повикува земјите членки на ЕУ согласно повторениот предлог на Европската комисија, без одложување да одобрат преминување кон втората фаза на асоцијација од Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европските заедници и нивните земји членки од една страна и Република Македонија од друга страна.

9. Советот со жалење го нотираше отсуството на употребата на придавката „македонски“ во Извештајот на Европската комисија.
Советот ја повикува Европската комисија, согласно принципот на почитување на европските различности, без одлагање да ја преиспита неупотребата на придавката „македонски“ во контекст на јазичните и културните особености во Република Македонија, а согласно званичната терминологија на Обединетите нации.

10. Се истакнува дека одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи и меѓусебно прифатливо решение за прашањето за името, под покровителство на ОН, остранува клучно во следната фаза од евроинтегративниот процес.
Националниот совет за евроинтеграции ја нагласува потребата за одржување на грчко-македонскиот дијалог и вложување на дополнителни напори за изнаоѓање на компромисно решение. Советот нагласува дека билатералните проблеми не се дел од Копенхашките критериуми.
Во оваа насока Националниот совет за евроинтеграции како тело кое што го претставува општиот консензус за членството во Европската унија, останува на располагање за консултации околу можното решение.

11. Советот ја нагласува потребата од одржување и интензивирање на регионалната соработка на Република Македонија, соработката со земјите членки на ЕУ што нè поддржуваат на патот на нашето интегрирање, како и од унапредување на политичкиот дијалог со структурите на Унијата.
Советот ја нагласува важноста од зајакнување на учеството на Република Македонија во регионалните активности и проекти иницирани преку Регионалниот совет за соработка и идни проекти во рамките на новата финансиска перспектива за Стратегијата Европа 2020.

12. Советот истакнува дека во исполнувањето на поставените задачи, потребно е во континуитет, позитивно да се афирмира Република Македонија како идна членка на Европската унија.

13. Советот ќе продолжи и во иднина ангажирано и континуирано да ја остварува улогата на форум кој што придонесува за унапредување и одржување на политичкиот дијалог и општествениот консензус во процесите на евроинтегрирање на Република Македонија.

14. Со заклучоците на Националниот совет за евроинтеграции по Извештајот на Европската комисија да бидат запознати Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија и Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

15. Заклучоците на Советот да се објават на интернет-страницата на Собранието на Република Македонија за да бидат достапни до пошироката јавност".

дневен редзаписникстенографски белешки

Click