Активности


Среда, 28 декември 2011 година

Десетта седница на Комисијата за труд и социјална политика

Комисијата за труд и социјална политика на Собранието на Република Македонија, на Десеттата седница, одржана на 22 и 27 декември 2011 година, како матично работно тело во второ читање, ги разгледа:

  • Предлогот на закон за изменување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност;
  • Предлогот на закон за минимална плата во Република Македонија;
  • Предлогот на закон за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување;
  • Предлогот на закон за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување;
  • Предлогот на закон за изменување на Законот за исплата на платите во Република Македонија;
  • Предлогот на закон за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија;
  • Предлогот на закон за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија.

На седницата, во својство на претставници на Владата на Република Македонија, присуствуваа: г. Спиро Ристовски, министер за труд и социјална политика и г. Ибрахим Ибрахими, заменик-министер за труд и социјална политика.

Претседателот на Комисијата за труд и социјална политика, г-ѓа Цветанка Иванова, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, по Предлогот на закон за изменување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност поднесени се вкупно 10 амандмани, од кои 8 не беа усвоени, а 2 беа повлечени од овластените предлагачи.

Во однос на Предлогот на закон за минимална плата во Република Македонија поднесени беа вкупно 6 амандмани, од кои еден беше усвоен додека 5 не беа усвоени од страна на Комисијата.

Што се однесува на Предлогот на закон за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, беа поднесени вкупно 3 амандмани, кои не беа усвоени.

Во врска со Предлогот на закон за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување, од вкупно 5 поднесени амандмани, 4 беа усвоени, додека 1 не беше усвоен.

По Предлогот на закон за изменување на Законот за исплата на платите во Република Македонија, Предлогот на закон за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија и Предлогот на закон за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, не беа поднесени амандмани од овластените предлагачи.

На крајот од расправата, Комисијата предложените Предлог-закони ги проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.