Активности


Понеделник, 27 јуни 2011 година

Говор на претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, на првата конститутивна седница

Почитувани претставници на државниот врв,
Ваши екселенции,
Драги колеги пратеници,
Почитувани претставници на средствата за јавно информирање,
Дами и господа,

На самиот почеток, дозволете најискрено да се заблагодарам за изборот за претседател на Македонското собрание.

Довербата што ми ја искажавте, избирајќи ме на функцијата претседател на седмиот состав на македонскиот законодавен дом, претставува огромна чест и обврска за мене, особено затоа што доаѓа во мигови кога од нашата заедничка посветеност и делување во голема мера ќе биде определена траекторијата по која ќе се движи нашата татковина. Во оваа смисла, дозволете да ве уверам дека должноста што ми ја доверивте ќе ја извршувам совесно, пожртвувано и најмногу од сè – одговорно. Моето политичко искуство, посветеноста во остварувањето на македонските национални приоритети, како и приврзаноста кон вредностите на демократијата, нека бидат дополнителна потврда дека македонското собрание и во иднина, како и во минатото, ќе биде најсилниот гарант за реализацијата на нашите државни интереси.

Би сакал, сите ние, пратеници од сите политички партии, заеднички, да бидеме гаранција за сигурноста, долговечноста и развојот на македонската држава.

Почетокот и крајот на нашите дела мора да биде Македонија, а нивниот израз мора да биде единствено преку силата на зборот.

Изборите се завршени, но од денес започнуваме со новата кампања, која има иста цел за сите: тоа е силна, стабилна, демократска и просперитетна Македонија!

Сакам да ве уверам дека мојот основен интерес ќе продолжи да биде единствено Македонија, а алатките во остварувањето на таа цел - како што споменав во истата ваква прилика во 2008-та, кога за прв пат бев избран за претседател на Собранието, ќе продолжат да бидат единствено Уставот, Законите и Деловникот на Македонското собрание.

Сакам да Ве уверам и дека политичката независност и одговорниот однос кон сите и за сè, ќе бидат основата на чии темели ќе ги градиме нашите меѓусебни односи.

Македонија заслужува собрание во кое политичките разлики ќе нè обединуваат под сонцето на Македонија.

Македонија заслужува собрание кое ќе му дава енергија на нашиот европски и евроатлантски пат.

Конечно, Македонија заслужува собрание, кое како симбол на единството на шареноликоста на Македонија, ќе го промовира духот на меѓуетничкото разбирање, толерантноста и солидарноста.

Во мојот прв говор во 2008-та, истакнав и дека ќе работам напорно собранието да стане вистински храм на демократијата.

Ветив напорна работа, пожртвуваност и многу залагања.

Ветив враќање на достоинството на законодавната власт и силен институционален ангажман во функција на осигурувањето на напредокот на нашата татковина – Република Македонија.

Денес, гледајќи наназад во годините што изминаа, сметам дека имаме простор за задоволство. Двата позитивни извештаи на Европската комисија, во кои е потврдена клучната улога на Собранието во остварувањето на нашата европска агенда, се неспорна потврда за изреченото. Во таа смисла, постигнувањата во минатото, наследството на сите претходни собраниски состави, како и достигнувањата на дваесет и двајцата претседатели на македонскиот законодавен дом, почнувајќи од големиот Методија Андонов - Ченто, нека бидат основата од која ќе ја црпиме енергијата за справување со подвизите што следат, чијшто дух се сведува на констатацијата - реформите мора да продолжат.

Почитувани колеги,

Пред седмиот состав на македонскиот законодавен дом и пред владата, за чиј избор ќе расправаме во деновите што следат, се исправени историски предизвици, кои претпоставуваат огромна одговорност, лична зрелост и одлучност во остварувањето на целите што заеднички ги имаме определено, а за кои нашите граѓани на последните избори дадоа неспорна потврда и легитимитет.

На темелот на остварените државни постигнувања, мораме да ја довршиме изградбата на модерна европска држава, за да можеме во потполност да го заокружиме патот по кој тргнавме откако ова Собрание ја донесе историската одлука за сувереност на македонската држава.

Убеден сум дека ваквите високи цели ќе ги достигнеме, бидејќи тие се мерката на нашата заедничка одговорност.

Почитувани колеги пратеници,

Како „прв меѓу еднаквите“, ве повикувам да бидете горди на доверената должност од граѓаните. Сепак, истовремено Ве повикувам и да бидете совесни во нејзиното извршување.

Верувам дека многу добро знаете дека не постои ниту еден повисок интерес кој може да го определува делувањето на пратеникот, од македонскиот државен интерес. Нека ова и во иднина остане главната идеја-водилка во оваа зграда и нека ниту една друга цел не струи во нашите расправи и работа.

Македонското собрание треба да продолжи да биде репрезент на интересите на сите сегменти на македонското општество и на сите наши краеви.

Нашата потполна приврзаност кон демократијата и кон почитувањето на човековите права и слободи, исто така, уверен сум дека ќе се потврди преку работата и одлуките што ќе бидат донесени во овој состав на македонскиот законодавен дом.

Годините што се пред нас, се толку сериозни и важни, заради што нашето потполно европско лице и приврзаност кон семејството на слободниот и развиениот свет се одржува и ќе мора да се одржи во салата на Македонското собрание.

Драги пријатели,

Во времето што е пред нас ќе мораме да продолжиме да изнаоѓаме начини како да го развиваме политичкиот плурализам и да го јакнеме консензусот.

Уверен сум дека седмиот состав на македонскиот законодавен дом ќе ги совлада предизвиците и ќе даде свој значаен влог во развојот на Република Македонија.

Уверен сум дека седмиот состав на македонскиот законодавен дом ќе биде потврда за новата политичка зрелост на Македонија за да можеме на крајот од нашите мандати сите заедно да застанеме на позитивната страна од историјата.

Граѓаните гласаа за довршување и целосно остварување на стратешките цели на нашата татковина. Тие очекуваат во рамките на парламентарната процедура таквиот став во целост да се оствари. Должноста на претседателот, пак, знам дека не е воопшто лесна, но, повеќе од сигурен сум дека сè е многу полесно кога чесно и одговорно се остварува оваа важна државна должност и обврска.

Нека е вечна и од бога благословена Република Македонија!

Ви благодарам.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.