Активности



Вторник, 6 декември 2011 година

Корените на локалната демократија се вкоренуваат во парламентарната

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, Комисијата за локална самоуправа и Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, остварија поединечни средби со Делегација на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа.

Делегацијата беше во состав: г. Иан Микалеф, коизвестител од Малта, член на Комората на локална самоуправа; г-ѓа Андре Бухман, коизвестител од Франција, член на Комората на региони; г. Јенс Волк и г-ѓа Седеф Цанкочак, членови на Секретаријатот на конгресот.

Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, г. Беким Фазлиу, ја запозна Делегацијата со составот и со работата на Комисијата и воедно посака успешна и плодна соработка.

Коизвестителот Иан Микалеф информира дека Конгресот на локални и регионални власти на секои пет години врши мониторинг на локалната и регионална демократија на сите земји-членки на Советот на Европа, и дека во Република Македонија биле во 2007 година.

Делегацијата се интересираше за повеќе прашања: дали имало каква било расправа за ратификација на Конвенцијата за учество на странци во јавниот живот на локално ниво, колкав е бројот на странци во Република Македонија, потоа за граѓанските права на локално ниво и дали постои локален народен правобранител, на што членовите на Постојаната анкетна комисија дадоа исцрпно образложение.

Во врска со ратификација на Конвенцијата, Делегацијата беше информирана дека во рамките на последниот извештај дистрибуиран во 2008 година, беше сугерирано да се ратификува Конвенцијата за учество на странци во јавниот живот на локално ниво, но сè уште не е поднесен закон за ратификација.

Исто така, Делегацијата беше запозната со работата на народниот правобранител, при што беше истакнато дека во Република Македонија нема локални обдусмани, но има регионални канцеларии за обдусмани во шест градови на Република Македонија.

На средбата со Комисијата за локална самоуправа, претседателот на Комисијата, г. Џеват Адеми, ги информира гостите дека станува збор за млада, скоро формирана Комисија.

Во овој контекст, коизвестителот Микалеф истакна дека во извештајот ќе дадат позитивна оценка за формирањето на ваква комисија во македонското собрание, што ќе биде добар пример за другите земји.

Делегацијата беше заинтересирана за процесот на децентрализација во Република Македонија во рамките на повеќе области, како: образованието, здравствената заштита и социјалата. Исто така, таа покажа интерес за надзорната улога врз локалните власти и за тоа како тие се справуваат со надлежноста што им е префрлена и дали имаат доволно средства за реализирање на истата.

Претседателот Адеми истакна дека Македонија во изминатите десет години има направено голем исчекор во пренесувањето од централно на локално ниво. Тој додаде дека нашата земја до 2001 година беше можеби најцентрализираната држава во Европа, па и пошироко, што не е случај сега. Денес ЗЕЛС е важна институција, вистински адвокат на локалните власти.

На процесот на децентрализацијата му се пристапува стратешки, тој се одвива етапно, бара повеќе работа и потребни се повеќе финансиски средства.

Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, г. Марјанчо Николов, на средбата со Делегацијата, ги поздрави присутните и воедно изрази надеж дека овој состанок ќе биде плодотворен и дека ќе добијат добри сознанија за надлежностите на локалната самоуправа.

Беа разменети мислења по прашањата за структурата на ресурсите за локалното финансирање, дали единиците на локалната самоуправа имаат доволно финансиски средства за да можат да ги извршуваат своите  надлежности, за формите на локалните даноци, кои заеднички даноци се наметнати од централно ниво, каква надлежност имаат локалните власти во однос на нивниот имот, колкав е обемот на финансиска независност на локалната самоуправа, за основните правила за земање кредити и заеми од страна на локалните власти, воедно и како е законски гарантирана постапката за консултации со локалните власти за прашања на редистрибуција и доделување на финансиски ресурси.

Присутните се согласија дека кај нас уште е застапен нерамномерниот регионален развој, кој особено се гледа во помалку развиените рурални средини и дека во иднина треба да се работи на тоа да се изнајде начин истиот тој да се надмине.

Коизвестителот Микалеф изрази задоволство од заложбата на македонските пратеници во однос на прашањата на локалната самоуправа, бидејќи и тие доаѓаат од различни локални единици. На тој начин, корените на локалната демократија се вкоренуваат во парламентарната демократија.

Click