Активности



Вторник, 2 август 2011 година, Крушево

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на манифестацијата „Десет дена Крушевска република“

Почитувани присутни,
Драги сограѓани,

Мечкин Камен има посебно место во нашата историја и во нашите срца. Токму тука пред 108 години е поставен темелот на македонската државност. Во 1903 година македонскиот народ во Крушево ја формира првата република во овој дел од Европа. Јасно искажувајќи ја својата волја за независност и самостојност покажавме дека не постои поголема желба од онаа за слобода.

Покажавме дека чувството да си свој на своето, да ти е безбедно огништето и семејството е незаменливо и неотуѓиво право на секој човек.

За нашата слобода и идеалот за независна македонска држава дадени се безброј жртви на кои денес им се поклонуваме и им оддаваме почит.

Можноста да се собереме на ова значајно место е остварена благодарение на ваквата пожртвуваност на нашите славни предци.

Благодарение на нивната визија и решителност да не се отстапи од конечната цел, Македонија денес е независна држава во која сите граѓани живеат слободно.

Токму затоа е важно да се слави овој ден!

Ние - потомците на Гоце Делчев, Питу Гули, Јане Сандански, Ѓорче Петров и останатите великани од македонската историја имаме должност да се потсетиме и никогаш да не ја заборавиме вековната борба за слобода и достоинство.

Иако Илинденското востание претставува кулминација на македонската борба за независност, важно е на овој ден да ги споменеме и другите востанија кои подеднакво придонесоа за одржување, а конечно и исполнување на сонот за независна Македонија. На овој ден треба да им оддадеме почит и на Карпошовото востание, на Разловечкото востание, на Кресненското востание, Кумановското, Охридското и Тиквешкото востание, како и на народноослободителната војна и партизанското движење кое претставува продолжение на македонската борба за независност.

Нашата историја е полна со вакви херојски дела кои му даваат смисла и цел на нашето постоење!

Заради непоколебливоста на македонскиот народ и нескршливоста на македонскиот дух, независна Македонија повеќе не е само копнеж.

Македонија веќе две децении е реалност!

Нашата одговорност кон аманетот и оставината на македонските херои  е голема. Благодарение на жртвата дадена на ова, и на безброј други места, ние ја живееме иднината за која синовите и ќерките на Македонија сонуваа и се бореа.

Потсетувајќи се на минатото, во кое покрај нив и ние самите учествувавме и го создававме ќе забележиме дека секое време носи нови предизвици кои треба да се надминат.

Ако тоа на почетокот на 20. век беше да се избориме за место под сонцето, денес, во мугрите на 21. век, предизвикот е да прераснеме во стабилна и просперитетна земја која на своите граѓани им отвора можности и им нуди нови перспективи.

Тоа е битката на нашата генерација од која не смееме да се повлечеме дури ни тогаш кога е најтешко, бидејќи по ноќта секогаш доаѓа зората!

Токму затоа 2 Август, Илинден, е толку важен за нас.

Секоја година, на овој ден, се потсетуваме дека не смееме да потклекнеме пред пречките кои ни излегуваат на патот.

На ова место нашите предци, свесни дека изгледите за успех не им се наклонети, храбро се бореле до последниот за она во што верувале и што толку многу го посакувале.

Подеднакво херојски е водена и битката против фашизмот, по која Македонија, на вториот Илинден во манастирот Свети Прохор Пчињски, сигурно зачекори кон својата независност.

Само упорноста и непоколебливоста водат до исполнување на желбите кои понекогаш изгледаат далечни и неостварливи.

Таквата истрајност е дел од македонскиот дух.

Никогаш не заборавајте го тоа!

Гледајќи ја Македонија денес, горд сум на зрелоста која ја покажавме како нација и како држава.

Големо е задоволството и честа да се надгради делото на татковците на нашата нација и држава.

Во овој нов милениум влегуваме со желба да ја направиме Македонија подобар дом за нас и нашите семејства.

На почетокот беше навистина тешко!

Имаше времиња кога имавме секаква причина да ја изгубиме надежта!

Нестабилноста, војните и мачниот преод кон друг систем на управување ја ставија на тест нашата подготвеност да се справиме со сериозни проблеми кои имаа потенцијал да создадат сериозни последици. Но успеавме да се издигнеме над овие пречки и покажавме дека Македонија заслужува повеќе и подобро.

Едно од големите остварувања на нашата генерација е враќањето на довербата во правото и правдата, како столб на стабилноста и хармонијата во едно општество. Никој нема право на поинакви или на подобри услови за градење на кариера или стекнување на материјални добра од другите.

Никому повеќе и никому помалку!

Тоа е единствениот пат кој води кон успехот.

Во изминатите години успеавме и значително да придонесеме кон заживувањето и развојот на економијата. Не е воопшто лесно да се направи успешен преод кон пазарна економија, но со напорна работа и искрена вложеност на институциите на системот успеавме да го развиеме претприемачкиот дух во нас.

Меѓутоа, за развојот и зголемувањето на економската моќ на државата има два предуслови кои се од огромно значење за остварување на оваа цел.

Првиот се однесува на одржување на чекор со технологијата. Модернизацијата е единствениот начин македонските производи да станат поконкурентни и да го најдат своето место на европскиот и светскиот пазар. Затоа е потребно да се вложува неуморно во осовременувањето на производството и технологиите кои се поврзани со истото.

Вториот, а можеби и најважниот, елемент за успешен и долгорочен развој и напредок на една држава е образованието.
Знаењето е клучот за иднината на Македонија.

Со знаење се освојува светот и се рушат сите граници и ограничувања.

Знаењето овозможува прогрес.

Само високо образована нација може да биде во чекор со времето и да ја креира иднината.

Наша обврска е да им овозможиме на нашите деца да стекнат колку е можно поголеми знаења.

Охрабрувајте ги младите да учат, да се надоградуваат и да ги надополнуваат своите знаења!

Сетете се дека некои од најголемите револуционери биле учители, луѓе со широки светогледи и познавања кои несебично ги пренесувале на другите. Тие знаеле дека само преку образованието може да се остварат сите желби и цели во животот.

Реформите спроведени во армијата уште пред неколку години добија меѓународна верификација за квалитетот со кој беа имплементирани.

Нашата подготвеност да станеме полноправна членка на НАТО е цврста потврда за тој факт.

Од борба за сопствената независност и слобода сега нашите војници, заедно со нивните колеги од САД, Велика Британија, Полска и останатите земји од алијансата, активно придонесуваат за и други народи да можат да уживаат во слобода каква што има Македонија и каква што е очекувана од секоја модерна демократија.

Вреднувајќи го мирот, стабилноста и безбедноста како состојби за кои нема алтернативи остануваме и понатаму посветени на миротворните мисии кои ги предводат нашите сојузници.

Продолжуваме заеднички да го градиме светот во духот на универзалните човекови слободи и права за чие стекнување и е кренато славното Крушевско востание кое денес го славиме.

Освен кон Северноатлантскиот сојуз, Република Македонија со забрзано темпо се движи и кон стекнување на членство во Европската унија. Реформите кои ги спроведуваме за унапредување на нашите животи, права и слободи истовремено нè носат и чекор поблизу до Унијата. За тоа сведочи и препораката за доделување на датум за почеток на преговорите која Македонија ја добива веќе неколку пати последователно.

Вредностите кои ги споделуваме со земјите од Европската унија природно нè сместуваат помеѓу нашите браќа и сестри од останатите европски земји.

Искрено верувам дека не е далеку денот кога нашата држава ќе го заземе своето место помеѓу останатите збратимени европски народи.

Земајќи ги предвид заложбите и визиите на крушевските востаници, за човечки права и слободи за сите граѓани, дозволете да се осврнеме и на мултикултурализмот и етничкиот соживот кои се традиција и белег на македонското општество.

Токму овие права беа сржта на крушевското востание!

Манифестот, со кој беше конституирана Крушевската република, е пример за почит на правото на живот и среќа.

Крушевскиот манифест не дискриминираше врз ниту една основа.

Напротив!

Тој претставуваше обединител на сите народи и вери зад идејата за независна Македонија.

Наша должност е да продолжиме да градиме врз ова наследство!

Треба да сме горди на тоа што кај нас со векови постои соживот и толеранција на која дури и дел од западните демократии можат да ѝ позавидат!

Мораме да работиме на развој на меѓусебното разбирање и почит.

Тоа што сме различни не значи дека не можеме и не треба да сме пријатели, комшии и сограѓани!

Драги пријатели,

Пред да завршам, ве потсетувам дека освен 108-годишнината од Илинденското востание, во 2011 година  Македонија прославува и две децении од својата независност.

Погледнувајќи наназад кон времињата кога овој собир бил само сон на македонските револуционери, не можам а да не изразам големо задоволство и среќа за успехот на Македонија и македонската кауза!

Денес живееме во модерна европска држава која со забрзано темпо ита кон својата иднина!

Сосема оправдано, очекувам нашата татковина наскоро да стане членка на НАТО и Европската унија.

Познавајќи ве исто така знам дека ваквиот прогрес на македонската држава и општество ќе продолжи со исто, па дури и со забрзано темпо.

Верувам дека кога за 20 години, на овој ден, повторно ќе се собереме на Мечкин камен ќе можеме да говориме за уште поголеми достигнувања од оние за кои говоревме денес.

Тогаш повторно ќе се потсетиме на славните Илинденци, на тешките годините непосредно по независноста, на овие години на прогрес и напредок и повторно ќе размислуваме за тоа каде ќе се движи Македонија во наредните 20 години!

За крај ве повикувам никогаш да не заборавиме на маката и трудот со кои е изградена нашата држава!

Можноста да се живее во просперитетна и стабилна земја не е право кое ни следува самото по себе.

За животот кој го живееме денес се бореле генерации посветени родољуби!

И ние вложивме многу и се откажавме од многу за да ја направиме Македонија подобар дом за нас и нашите деца.

Затоа потребно е и понатаму да останеме цврсто посветени на патот кој го избираме и посакуваме.

Знаеме дека не е секогаш лесно!

Некогаш ќе се случи и она кон што се стремиме и во што беспоштедно се вложуваме да не го оствариме во нашиот животен век, но не смееме поради тоа да се откажеме или поколебаме.

Не секогаш тој што го посеал семето го бере и плодот кој ќе се роди!

Потребни беа речиси 90 години за Македонија да стане независна држава од кревањето на Илинденското востание. Но таа искра во далечната 1903 во 1991 година прерасна во еден голем блесок кој значеше остварување на вековниот сон на македонскиот народ за слобода.

Сега кога судбината не ни зависи од никој друг туку од нас самите очекувањата се уште поголеми!

Да не заборавиме дека тие големи нешта ги прават обични луѓе кои ја имаат вткаено својата судбина со судбината на нашата библиска Татковина!

На нас останува, со силна верба во Бога, тоа што го посакуваме за нашите најблиски да го оствариме за Македонија!

Вечна им слава на илинденските востаници и на сите кои жртвувајќи се за татковината сведочат за постоењето на една повисока цел во животот - цел која ја прави разбирлива волјата на еден народ храбро и непоколебливо да продолжи понатаму дури и тогаш кога е најтешко.

Нека е вечен споменот на двата Илиндена!

Почит за паднатите илинденски борци пред олтарот на Татковината!

Господ нека Ве благослови сите и нека ја излее својата милост и благослов врз неговата земја - нашата Татковина Македонија!

Да живее Македонија.

Благодарам.

Click