Активности

Понеделник, 12 декември 2011 година

Пленарна седница на Европарламентот

Европскиот парламент во Стразбур од 12 до 15 декември ќе одржи пленарна седница, за време на која претседателот Јержи Бузек ќе се осврне на својата работа во текот на 2,5 годишниот мандат, кој истекува на 17 јануари 2012 година, а Полското претседателство со ЕУ, кое завршува на крајот од годинава, ќе поднесе извештај за сработеното во изминатите шест месеци.

Денеска, претседателот Бузек ќе го објави доаѓањето на новите 13 членови на Европарламентот од Австрија, Бугарија, Велика Британија, Италија, Малта, Франција, Шведска и Шпанија, според одлуката на Европскиот совет од јуни 2010 за дополнителни 18 европратеници. Преостанатите пет ќе се приклучат откако националните влади ќе ги соопштат нивните имиња на Парламентот.

Утре и задутре ќе се направи преглед на неодамнешната расправа на Европскиот совет за тоа што треба да преземат земјите-членки на Европската унија за надминување на економската криза

За време на утрешната седница, ќе се гласа за новите правила според кои  жртвите на злосторства ќе имаат заштита од напаѓачите и во случај на преминување од една во друга земја-членка на ЕУ.

Утре на дневен ред ќе се најдат и правата на легалните мигранти во земји надвор од ЕУ, во однос на условите за работа, социјалното осигурување и пристапот до јавните служби. Овој нацрт-закон овозможува странските работници преку една процедура да добијат работна дозвола и дозвола за престој.

Исто така, во текот на утрешниот ден, ќе се гласа и по нацрт-законот за тоа секој кој е осомничен или оптужен за казнено дело, затворен или приведен, во рамките на Унијата, да биде своевремено информиран за своите процесуални права на разбирлив јазик.

В среда, на свечена церемонија, првиот европарламентарец ќе ја врачи наградата „Сахаров“ за слобода на мислата на групата активисти од „Арапска пролет“ за нивниот придонес кон историски промени во арапскиот свет.

На седницата во Стразбур овие четири дена ќе стане збор и за: одобрување на финансиска помош од 66,4 милиони евра за Шпанија, Италија и Франција; 10 години од борбата на ЕУ против тероризмот; условите во затворите и правата на затворениците; политиката на добрососедство; руралниот развој и финансирањето на подрачја погодени од кризата; подобрување на здравствените и безбедносните услови на работа; транспарентност во јавниот пристап до информации и др.
Click