Активности



Среда, 30 ноември 2011 година, Брисел

Потврдена подготвеноста за унапредување и интензивирање на белгиско-македонска соработка

Делегација на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, во состав: г. Хајрула Мисини, претседател на Комисијата за европски прашања, г. Илија Димовски и г. Гордан Георгиев, членови на Комисијата, е во дводневна посета на Брисел, Кралството Белгија.

Во рамките на посетата делегацијата вчера и денеска се сретнаа со г. Едуард Кукан, г. Ричард Ховит, г-ѓа Норика Николаи, г. Јорго Шацимаркакис и со г. Кристијан Вигенин, пратеници на Европскиот парламент.

Состаноците беа особено корисни и значајни од аспект на продлабочување на соработката со Европскиот парламент и подобрување на македонската позиција во однос на евроинтегративниот процес на Република Македонија.

Пратениците на Собранието на Република Македонија беа информирани дека известителот за Република Македонија од Европскиот парламент, британскиот европратеник г. Ричард Ховит, ќе ја поднесе првичната верзија на Резолуцијата на 20 декември.

Исто така, од страна на сите соговорници беше потврдена поддршката која ја имаме од Европскиот парламент како институција и изразено разбирање за ирационалниот проблем што го имаме во однос на нашето уставно име, проблем кој го блокира и кочи нашиот пат кон ЕУ.

Пратениците на Собранието на Република Македонија им воочија на своите колеги дека приоритетите и определбата на Република Македонија за градење на европска перспектива, со јасна искажана граѓанска и политичка поддршка во остварувањето на целите за достигнување на европската реалност и натаму остануваат наша примарна цел.

Беше испратена порака дека со седум години кандидатски статус и три години препорака од Европската комисија се создава фрустрација во општеството, која влијае како во контекст на внатрешната политика на државата, така и во контекст на отворените прашања во регионот.

Средбите завршија во позитивна атмосфера со надеж дека ваквата пракса на состаноци и размена на мислења ќе продолжи и во иднина.

Во текот на вчерашниот ден пратениците остварија средба и со претседателот на Парламентот, кој истовремено е и претседател на Комисијата за европски прашања на Парламентот, г. Херман де Кро, како и со неколку членови на Комисијата.

На средбата беше потврдена подготвеноста за унапредување и интензивирање на белгиско-македонска соработка, со оглед на фактот што оваа средба е прва на парламентарно ниво од 2004 година наваму.

Од македонска страна беше соопштена позицијата што нашата држава ја има во однос на евроинтегративниот процес. Пратениците на Собранието на Република Македонија истакнаа дека за нас како земја-кандидат за ЕУ членство, значајна е секоја поддршка на земјите-членки на Унијата, а особено сега по обновената препорака за почеток на преговорите од страна на Европската комисија и претстојниот Самит на Европската унија.

Пратениците од Парламентот на Кралството Белгија искажаа голема заинтересираност и разбирање за состојбата во Република Македонија и изразија несебична подготвеност за соработка и помош со цел полесно придвижување на Република Македонија кон стандардите на Европската унија.

 

Click