Активности
Вторник, 20 декември 2011 година

Прес-конференција на претседателот Вељаноски и швајцарскиот амбасадор Стефано Лазарото по повод Парламентарниот институт

Ваша Екселенцијо, амбасадоре Лазарото,
Почитувани координатори на пратенички групи,
Пратеници,
Претставници на Службата,
Претставници на меѓународната заедница,
Почитувани гости и претставници на медиумите.

Ми претставува огромно задоволство да Ве поздравам сите на еден ваков важен настан со кој ја информираме јавноста за отпочнувањето на вработувањата на 25 професионалци кои ќе работат во Парламентарниот институт на Собранието на Република Македонија. Основањето на Парламентарниот институт го зацртавме во Законот за Собранието на Република Македонија, а постигнувањето на неговата функционалност воедно е и одредница во Извештајот на Европската унија за нашиот напредок.

Како претседател на Собранието, го очекував овој момент – отпочнувањето на отворен, правичен, транспарентен, конкурентен и ригорозен процес на вработување на кадри со висок степен на стручност и професионалност, потребни за обезбедување на Собранието со специјализирана служба за анализи и споредбени истражувања. 

Задоволство ми е што во оваа прилика сме заедно со нашиот партнер Швајцарската агенција за соработка и развој (СДЦ) и што заедно работиме на зајакнувањето на парламентарниот капацитет.

Парламентарниот институт ќе биде професионална, независна служба, за споредбени истражувања и анализи, која ќе обезбедува за Собранието, пратениците и вработените во Собранието објективни и авторитативни општи анализи; споредбени европски анализи и анализи на закони и пристап до модерен законодавен архивски систем и истражувачка библиотека. Едукативниот сегмент на Институтот ќе нуди обуки и семинари за пратеници и вработени во Собранието.

Почетокот на процесот на првиот круг вработувања за трите раководни позиции во Парламентарниот институт ќе започне на 26 декември и рокот за пријавување на кандидатите ќе трае се до 13 јануари 2012 година. А рокот за пријавување на тимот од 22 високо квалификувани аналитичари, истражувачи и обучувачи, кои ќе се вработат во вториот круг, ќе започне на 30 декември при што пријавувањето на кандидатите ќе трае се до 24 јануари 2012 година. Овој тим ќе вклучува правници, економисти, едукатори, историчари, библиотекари и специјалисти за Информатичко комуникациска техника.

Услугите ќе бидат пружани на пратениците на македонски и албански јазик, а од персоналот ќе се очекува добро да ги познаваат и англискиот или францускиот јазик за да можат адекватно да спроведуваат компаративни истражувања и да учествуваат во размените на мислења и идеи со своите европски колеги. 

Почитувани гости, многумина гледаат на парламентот како на институција каде што има премногу несогласувања. Во оваа посебна пригода, би сакал да потенцирам дека создавањето на Парламентарниот институт е широко поддржан од сите партии во Собранието на Република Македонија и би сакал денес, јавно, да им оддадам признание и да им се заблагодарам на сите пратенички групи и нивните координатори за посветеноста за оваа иницијатива.

Би сакал исто така да ја истакнам заложбата на Собранието во овој проект со обезбедување на канцелариски простор за Парламентарниот институт. Реновирањето на овој простор, финансиран од швајцарската страна, ќе биде целосно предаден во функција на 31 јануари 2012 година.

Дозволете ми да завршам со изразување на благодарност до Амбасадата на Швајцарија, Парламентите на Република Чешка и Република Словачка за нивната континуирана поддршка и за обезбедување на модели на добра практика, на Иницијативата за демократско партнерство на Конгресот на САД и на имплементирачките партнери.

Но, без разлика на предизвиците кои претстојат, јас знам, и сум сигурен дека ќе се справиме со истите и заеднички ќе развиваме и обезбедуваме Парламентарен институт којшто одговара на Европа во 21. век.

Ви благодарам. 
 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.