Активности


Четврток, 22 декември 2011 година

Продлабочена соработка меѓу Македонија и Украина ќе значи бенефит за жителите на двете држави

Претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Украина, г. Оливер Спасовски, денеска оствари средба со Н.Е. Јуриј Хончарук, амбасадор на Украина во Република Македонија. На средбата присуствуваа и заменик-амбасадорот на Украина во Република Македонија, г-ѓа Ана Тертична и г. Харалампие Шокаровски, член на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Украина.

Претседателот Спасовски истакна дека средбата ја иницирал за да се воспостават првите контакти, да се продолжи соработката и да се продлабочат односите помеѓу двете држави.

Тој, исто така, го запозна амбасадорот дека Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Украина испратила писмо до Украинскиот парламент за меѓусебна соработка.

Досегашните односи помеѓу двете држави ги карактеризира желбата за добра соработка, која треба да продолжи и да се продлабочи, што ќе значи бенефит за жителите на двете држави, истакна г. Спасовски.

Неговата екселенција Јуриј Хончарук истакна дека билатералните односи меѓу двете држави се добри и дека помеѓу Република Македонија и Украина има повеќе конкретни проекти, од кои некои се веќе реализирани. Исто така, Украина предложи визна либерализација за македонските граѓани.

Од септември годинава започнаа студии на македонски јазик на Украинскиот универзитет, а од следната година, во јануари, ќе почнат студии на украински јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Пратеникот Харалампие Шокаровски истакна дека треба да се олеснат бариерите помеѓу двата пријателски народа заради заемен интерес на стопански, политички и културен план.

На крајот, г. Оливер Спасовски изрази надеж за позитивен одговор од Украинскиот парламент на иницијативата за парламентарна соработка.


 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.