Активности



Понеделник, 18 јули 2011 година

Прва седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Првата седница, одржана на 15 јули 2011 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Македонија во 2010 година;
  2. Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика  на Република Македонија во 2010 година.

Во својство на претставник на предлагачот, на седницата присуствуваше претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата, г. Чедомир Краљевски, кој даде образложение по Извештајот за работата на Комисијата.

Беше истакнато дека Годишниот извештај за 2010 година е изготвен според теркот од Генералната дирекција за конкуренција во Брисел и истиот ги содржи сите активности на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

На почетокот на извештајот дадена е правната рамка, врз основа на која работи Комисијата за заштита на конкуренцијата, за да потоа бидат разработени трите основни надлежности коишто ги има Комисијата во примената на Законот за заштита на конкуренцијата, и тоа оценка, детекција и оценка на забранетите договори помеѓу претпријатијата коишто егзистираат и стопанисуваат на домашниот пазар, потоа оценка, детекција, постапка и санкции за евентуално забрането однесување на претпријатија што имаат доминантна позиција на пазарот во однос на спречување и нарушување на конкуренцијата на пазарот. Третиот столб од надлежностите на Комисијата е оценка на концентранцијата, односно на спојувањето на фирмите, кое спојување има импликации на пазарот на Република Македонија.

Беше кажано дека Комисијата за заштита на конкуренцијата своето постапување го врши со одредени законски пропишани процедурални правила или постапки. Во текот на 2010 година во делот на детекција и санкција на забранети договори, односно картели, Комисијата за заштита на конкуренцијата работела на четири случаи и донела соодветни решенија.

Од вториот столб на надлежностите, односно утврдување на постоење на злоупотреба на доминантна позиција на одредени фирми коишто имаат таква позиција, Комисијата донесе едно решение за злоупотреба на доминантна позиција.

Во текот на минатата година, Комисијата вршела оценка на пријавени концентрации во дваесет и два случаи, при што донела дваесет и едно решение.

Покрај основните законски надлежности, Комисијата за заштита на конкуренцијата има и други надлежности. Една од главните надлежности е оценка на државната помош, при што Комисијата цени дали дадената државна помош на одредени субјекти е компатибилна и има изготвено анализи на одредени пазари.

Во претресот учествуваа претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Љубисав Иванов-Ѕинго, членовите г. Марјанчо Николов, г. Миле Андонов, г. Стојко Пауновски,  заменик-членот г. Изет Зеќири и претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата, г. Чедомир Краљевски.

Комисијата за економски прашања, со 6 гласа „за“ и 5 „воздржани“, заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да го усвои следниот Заклучок:

  1. Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Македонија во 2010 година и го достави до Собранието на Република Македонија да го разгледа и усвои на својата седница;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за економски прашања да се достави до Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Македонија и до Владата на Република Македонија.

Во својство на претставник на предлагач на седницата присуствуваше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, г. Димитар Петров, кој го образложи Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика  на Република Македонија во 2010 година, изнесувајќи детални информации за извршување од Законот за енергетика, како и информации за материјално-финансиското работење на Комисијата.

Беше нагласено дека во Извештајот се дадени активностите на Комисијата остварени во 2010 година на домашно и меѓународно ниво. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика истакна дека истата претставува независно тело во своето работење и во донесувањето на одлуките.

Комисијата се грижи за унапредување на заштита на правата на корисниците на енергија. Исто така, Комисијата донесува прописи за формирање на цените на одделни видови на енергија, услуги во врска со вршењето на регулираните енергетски дејности, одлуки за цените на одделни видови на енергија и разни видови на енергенси, во согласност со прописите во врска со формирањето на цените на одделни видови на енергија и услуги во врска со вршењето на регулираните енергетски дејности, постапките и регулирање на разрешување на споровите коишто настанале помеѓу вршителите на енергетските дејности, корисниците на услуги од вршителите на енергетските дејности, како и висината на надоместоците на трошокот за разрешување на спорот.

Со донесување на Правилникот значително е олеснета работата во делот на приклучоците.  Во своето излагање, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика даде акцент на нафтените деривати и снабдувањето со природниот гас и регулирањето на нивната цена.

Во претресот учествуваа претседателот на Комисијата за економски прашања г. Љубисав Иванов-Ѕинго, членовите г. Никола Ацевски и г. Марјанчо Николов, пратеникот г. Јани Макрадули и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, г. Димитар Петров.

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, едногласно заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да го усвои следниот Заклучок:

  1. Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2010 година и го достави до Собранието на Република Македонија да го разгледа и усвои на својата седница;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за економски прашања да се достави до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и до Владата на Република Македонија.
Click