Активности


Четврток, 22 декември 2011 година

Разменети искуства во областа на законодавството меѓу Македонија и Србија

Законодавно-правната комисија и Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Србија, остварија поединечни средби со Делегација на Законодавната комисија на Народното собрание на Република Србија.

Претседателот на Законодавно-правната комисија на Македонското собрание, г-ѓа Благородна Дулиќ и членовите на Комисијата, ги запознаа гостите со работата на оваа Комисија и Собранието воопшто.

Притоа, тие ги информираа и за функционирањето на Е-парламентот, кој во Србија сè уште е во фаза на воведување, потоа за работата на Собранискиот канал на кој се пренесуваат седниците на Комисиите, како и за актуелното формирање на Парламентарниот институт во рамките на Собранието.

Двете страни разменија искуства во однос на неколку теми, меѓу кои: постапката за разгледување на законите и другите акти и нивната усогласеност со Уставот и законите; единствената правно-техничка обработка на актите кои ги донесува Собранието, автентичното толкување и соработката со Уставниот суд.

Се утврдија разликите и сличностите во функционирањето во овие области во двете земји, а разменетите искуства ќе овозможат она што се покажало како ефикасно во едната земја, да биде применето или подобрено во другата земја.

На средбата со г. Драгиша Милетиќ, претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Србија и членовите, беше изразено задоволство од оваа средба како вистинска можност за размена на искуства помеѓу двата парламента на полето на законодавството, со надеж дека таа соработка ќе продолжи и во иднина.

Присутните разменија мислења во однос на прашањата за економијата, културата и културните активности, историските врски кои ги поврзуваат двете земји, потенцирајќи ги сличности помеѓу двете земји како мултиетнички и мултикултурни општества чија заедничка цел е што поскорешно интегрирање во големото ЕУ семејство.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.