Активности



Среда, 27 јули 2011 година

Средба на претседателот Вељаноски со г. Стефано Санино, Генерален директор на генералниот Директорат за проширување на Европската комисија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска оствари средба со г. Стефано Санино, генерален директор на Генералниот директорат за проширување на Европската комисија. По остварената одвоена средба, генералниот директор, г. Санино, заедно со претседателот на Собранието, г. Вељаноски, оствари заедничка среба со потпретседателите на Собранието: г-ѓа Светлана Јакимовска, г-ѓа Сузана Салиу и г. Јани Макрадули; со координаторите на пратеничките групи: г-ѓа Силвана Бонева, г. Талат Џафери, г. Игор Ивановски, г. Имер Алиу, г. Горан Мисовски и г. Рејхан Дурмиши; како и со г. Хајрула Мисини, претседател на Комисијата за европски прашања и г. Антонио Милошоски, претседател на Комисијата за надворешна политика.

Претседателот на Собранието, г. Вељаноски, на почетокот на средбите, направи кратка ретроспектива на настаните и постигнувањата на Собранието на Република Македонија во изминатиот период. Тој најпрво се осврна на мошне успешно спроведените предвремени парламентарни избори, кои го потврдија демократскиот капацитет на Република Македонија, а на кои граѓаните одлучија кому му даваат доверба да ги води во наредниот четиригодишен период.

Во продолжение, претседателот Вељаноски се осврна на последните активности во Собранието, со кои се усвоија измени во сферата на судството, во делот на учеството на министерот за правда во Судскиот совет и во Советот на јавните обвинители, согласно препораките од Извештајот на ЕУ и мислењето на Венецијанската комисија.

Исто така, во насока на останатите легислативни активности на Собранието во сферата на реформата на јавната администрација, тој ги наведе измените на повеќе закони од оваа област со кои се вградуваат принципи со кои на граѓаните им се обезбедуваат побрзи и поквалитени услуги.

Осврнувајќи се на постигнувањата кои се однесуваат на самото Собрание, претседателот Вељаноски потенцираше дека сработеното е резултат на тимска работа, во која учествуваат потпретседателите, координаторите и сите пратеници, без оглед на партиската и етничката припадност.

Тој се осврна и на тековните проекти со кои се зајакнува парламентарниот капацитет, а се реализираат со помош на странски пријатели донатори, како што се Вестминстерската фондација и Швајцарската агенција за развој и соработка. Вељаноски особено го потенцираше значењето на заеднички донесениот Закон за Собранието на Република Македонија, кој на свој начин е уникатен и преку кој бројните добри парламентарни практики станаа редовно спроведувани нормативни обврски, со што се унапреди вкупниот парламентарен капацитет.     

Генералниот директор на Генералниот директорат, г. Санино, од своја страна, истакна дека предвремените парламентарни избори поминаа добро и дека има соработка меѓу политичките чинители и дека бојкотот на парламентот е зад нас. Тој истакна дека 2011 е значајна година за Република Македонија, но и за интеграцијата на земјите од регионот, како што се Хрватска, Црна Гора и Србија, притоа осврнувајќи се на прашањето за спорот за името со Грција и на аспектите на прашањата кои треба да бидат унапредени согласно европските стандарди, односно препораките од последниот Извештај на ЕК. Господин Санино, во оваа смисла, ги изнесе очекувањата од реформите и позитивните постигнувања на стандардите во областите на јавната администрација, судството, справувањето со корупцијата и слободата на говорот. Тој, исто така, истакна дека очекува Собранието на Република Македонија навремено да продолжи со усвојувањето на европската регулатива. Сето ова во контекст на сумирањето на Извештајот за нашиот овогодишен напредок, кој ќе биде објавен на 12 октомври.

Со своја дискисија, на зедничката средба, учествуваа и потпретседателот г. Јани Макрадули, претседателот на Комисијата за надворешна политика, г. Антонио Милошоски, претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, г-ѓа Силвана Бонева.

Потпретседателот Макрадули се осврна на повеќе прашања, при што потенцираше дека како парламентарна опозиција активно ќе учествуваат во усогласувањето на европската легислатива, но дека остро ќе се спротивставуваат на мајоризацијата кога станува збор за чувствителни закони и на злоупотребите во областите на јавната администрација и судството. Тој критички се осврна и на состојбите во радиодифузната дејност.  

Претседателот на Комисијата за надворешна политика, г. Антонио Милошоски, направи ретроспектива на демократските постигнувања на Република Македонија, потенцирајќи дека станува збор за успешна приказна од повеќе аспекти и дека интеграцијата на Република Македонија е прашање и на стабилноста на регионот.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини, апелирајќи на потребната доверба и професионалност, се осврна и на потребата од заокружување на спроведувањето на Спогодбата за асоцијација и стабилизација, која ја имаме со Унијата.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, г-ѓа Силвана Бонева, се осврна на повеќе прашања поврзани со заедничките напори за добивање позитивен извештај за нашиот напредок како и на компаративни аспекти поврзани со последните промени на регулативата во областа на радиодифузната дејност.

Click