Активности



Вторник, 26 јули 2011 година

Средба на претседателот Вељаноски со г. Робин Давид Скот, пратеник на Парламентот на Викторија – Австралија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, го прими г. Робин Давид Скот, пратеник на Парламентот на Викторија - Австралија. На средбата присуствуваше и пратеникот во Собранието на Република Македонија, г. Милорад Додевски, избран од изборната единица девет, која ја опфаќа Австралија.

На средбата, која помина во срдечна атмосфера, стана збор за повеќе прашања од заемен интерес меѓу двете пријателски земји. Пратеникот Скот ја поздрави извонредната можност што македонската дијаспора ја има да биде претставена во македонскиот парламент. 

И двајцата соговорници констатираа дека македонската иселеничка заедница, особено во Викторија и во градот Мелбурн, придонесува за севкупниот општествен, културен и економски развој на Австралија и претставува значаен фактор кој придонесува за блиските и пријателски односи меѓу двете држави.

Од двете страни е изразено задоволство од стапувањето во сила, од први април годинава, на спогодбите кои го регулираат социјалното и пензиското осигурување на граѓаните на двете држави. Исто така, пратеникот Скот изрази иницијатива за продлабочување на разните облици на соработка во сферата на културата.

Од страна на претседателот на Собранието, г. Вељаноски, се покрена прашањето за олеснување и либерализирање на визниот режим со цел нашите граѓани непречено да патуваат во Австралија и повика австралиските мултинационални компании да инвестираат во Македонија.

Пратеникот Скот изрази особена подготвеност да разговара со релевантните федерални министри за чекорите за олеснување на визниот режим, особено затоа што во Австралија живее голема македонска заедница. Пратеникот Скот се  заложи за унапредување на сите потенцијални облици на соработка во областите од заемен економски интерес, а особено во делот на рударството.

Click