Активности



Вторник, 23 август 2011 година

Втора седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Втората седница, одржана на 22 август 2011 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини (прво читање);
  2. Предлогот на закон за дополнување на Законот за енергетика (прво читање);
  3. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на конкуренцијата (прво читање);
  4. Предлогот на закон за изменување на Законот за безбедност на производите (прво читање);
  5. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за контрола на извоз на стоки и технологии со двојна употреба (прво читање);
  6. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за метрологијата (прво читање);
  7. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за контрола на предмети од скапоцени метали (прво читање);
  8. Предлогот на закон за дополнување на Законот заштита на топографијата на интегралните кола (прво читање);
  9. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за техничка инспекција (прво читање);
  10. Предлогот на закон за дополнување на Законот за градежните производи (прво читање)
  11. Статутот на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија (прва фаза).

Образложение на Статутот на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија даде претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, г. Димитар Петров, додека преостанатите десет Предлог-закони ги образложи г. Анче Трифунов, државен секретар во Министерството за економија.

- Државниот секретар Трифунов истакна дека предложените измени во сите десет Предлог-закони кои ги образложи, се во насока на усогласување со Законот за општата управна постапка со институтот молчењето е одобрување.

Тој допрецизира дела предложените измени во Предлогот на закон за изменување на Законот за безбедност на производите, ги содржат и следните решенија: овозможување на странски независни правни лица акредитирани од земји членки на Европската унија или земји-кандидатки за членство во ЕУ, под услов нивните акредитациони тела во соодветната област да се потписнички  на Договорот за меѓусебно признавање на акредитацијата (МЛА) и да имаат право да бидат овластени во Република Македонија за  давање на  услуги  во областа на оцена на сообразност за пооделни производи во Република Македонија.

Што се однесува на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за контрола на извоз на стоки и технологии со двојна употреба, тој има за цел и усогласување на Законот со  измените на Законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија  во однос на надлежноста на второстепените комисии  и Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Во Предлогот на закон за дополнување на Законот за градежните производи, пак, се опфатени процедурите кои по службена должност треба да ги спроведе службеното лице кое постапува по определен предмет, односно по барање на граѓанинот при кое нешто  е потребно да се приложат документи врз основа на кои ќе може да се постапува по поднесеното барање. Исто така, се определуваат и рокови за спроведување на оваа постапка. Дополнувањата на Законот го опфаќаат и решението кое се однесува на решавањето на барањето на странката во законски утврден рок, односно  постапките доколку не се почитува законски утврдениот рок, вклучително и жалбените постапки.

  • Комисијата за економски прашања со по пет гласа „за“ и три „против“, заклучи дека сите овие десет Предлог-закони се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.

- Во врска со Статутот на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија (прва фаза), г. Димитар Петров истакна дека врз основа на новиот Закон за енергетика, Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија има обврска, поточно дефинирано во член 15 став 4, да донесе статут за нејзиното работење и истиот да го достави на одобрување во Собранието на Република Македонија.

Инаку, Статутот се одобрува за прв пат, од причина што во претходниот Закон за енергетика не постоеше таква обврска.

Беше кажано дека Статутот на Регулаторната комисија за енергетика ги уредува статутот, називот, седиштето, печатот, надлежностите, составот, финансирањето, јавноста на работењето на општите акти, соработката со соодветните домани и странски институции и тела, внатрешната организација и други надлежности на Регулаторната комисија за енергетика.

Комисијата за економски прашања, со пет гласа „за“ и три „воздржани", согласно членот 187 став (1) од Деловникот на Собранието на Република Македонија, ѝ предложи на Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија да ги вгради забелешките од Мислењето на Владата на Република Македонија и да ги достави до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

Click