Активности



Петок, 29 јули 2011 година

Втора седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Втората седница, одржана на 26 јули 2011 година, како матично работно тело ги разгледа:

  • Годишниот извештај за работата на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2010 година;
  • Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија за 2010 година;
  • Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на пазарот на осигурување во Република Македонија во 2010 година;
  • Финансискиот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2010 година;
  • Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија за 2011 година.

- Воведно образложение по Годишниот извештај за работата на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2010 година, даде претседателот на Советот на експерти, г. Климе Попоски.

Тој истакна дека како главен доказ за прогресот на работењето на Агенцијата, можат да се наведат заклучоците на Европската комисија во Извештајот за напредокот на Република Македонија во приближувањето кон ЕУ, каде што во сегментот на пазарно осигурување, а посебно во сегментот на супервизија на осигурителната дејност, забележан е значаен напредок.

Агенцијата за супервизија на осигурување во текот на 2010 година била активна во неколку домени, особено во оние што произлегуваат како обврска од Законот за супервизија на осигурување и Законот за задолжително осигурување во сообраќајот.

Во текот на минатата година, најголемо внимание е посветено на регулативата, при што се донесени низа правилници и други подзаконски акти. Донесени се 12 правилници кои се од сегментот на лиценцирање и од областа на сметководството, финансиите и ревизијата, како и од областа на  супервизијата и статистиката.

Од 2010 година Агенцијата за супервизија на осигурување е полноправен член во Меѓународната асоцијација на осигурителни супервизори под уставното име.
 
Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај за работата на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2010 година;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување.

- Во однос на Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија за 2010 година, воведно образложение даде заменикот на главниот државен ревизор, г. Насер Адеми.

Тој истакна дека со  донесувањето на новиот Закон за државна ревизија, се усогласи работата на оваа врховна ревизорска институција со меѓународните стандарди на Европската унија.

Во 2010 година Државниот завод за ревизија извршил 87 ревизии и издадени се 202 ревизорски извештаи, со што продолжува позитивниот тренд на пораст на бројот на ревизии.

Во ревизорските извештаи во 2010 година генерално се одржува трендот на позитивно мислење и тоа со 43,8%, а се намалува бројот на негативни мислења и воздржување од давање мислење. Значајно е што со ревизија се опфатени 43 субјекти кај кои за првпат се врши ревизија, што претставува 53% од вкупниот број на субјекти предмет на ревизија во 2010 година.
     
Во 2010 година извршена е ревизија на Централниот буџет, буџетите на фондовите, регулаторните тела, Управата за јавни приходи, институции во областа на образованието и здравството како значајни сегменти во општеството, 18 единици на локалната самоуправа и во Министерството за локална самоуправа.
       
Државниот завод за ревизија и понатаму продолжува да соработува  со Собранието на Република Македонија, Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата во функција на подобрување на надзорот и трошењето на јавните средства.

Истовремено, реализирана е и плодна меѓународна соработка со други врховни ревизорски институции и меѓународни институции, со цел разменување и стекнување на нови искуства од областа на ревизијата на јавниот сектор.

Врз основа на расправата, Комисијата со 7 гласа „за“ и 3 „против", заклучи да му предложи на Собранието да ги усвои следните  Заклучоци:

  1. Собранието на Република Македонија го рагледа и го усвои Годишниот извештај на Државниот завод  за ревизија  за  2010 година;
  2. Собранието констатира дека Државниот завод за ревизија како независна врховна ревизорска институција за надворешна ревизија, своите активности ги извршува согласно надлежностите предвидени во Законот за државната ревизија;
  3. Собранието исто така констатира дека Извештајот дава приказ на извршените ревизии и на спроведувањето на препораките дадени во ревизорските извештаи  и дека најголем број од субјектите кои биле предмет на ревизија постапуваат по препораките на Државниот завод за ревизија, што претставува напредок во насока на наменско и рационално користење на јавните средства;
  4. Заради уште поголема успешност во извршувањето на ревизиите кај субјектите кои се предмет на ревизија согласно Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија, Собранието смета дека Државниот завод за ревизија треба да продолжи да ги следи новите достигнувања на методолошката и ревизорската пракса во светот во организација на Меѓународната  организација  на   врховните  ревизорски  институции (INTOSAI) и други тела за развој и воспоставување на професионални стандарди;
  5. Овие заклучоци заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достават до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија.

- Претседателот на Советот на експерти, г. Климе Попоски, во воведното образложение по Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на пазарот на осигурување во Република Македонија во 2010 година, истакна дека на пазарот на осигурување, во текот на 2010 година, постои позитивно раздвижување. Вкупниот пазар изразен преку бруто полисирана премија пораснал за 4,8%.

Сопственичката структура, е таква што од 14 друштва за осигурување, само едно е во доминантна сопственост на акционери од Република Македонија, додека останатите друштва се во сопственост на странски акционери.

Во однос на стабилноста на пазарот за осигурување, постојат неколку индикатори кои можат да помогнат да се измери таа стабилност. Според индикаторот маргина на солвентност, компаниите имаат за 3,7 пати поголема од потребното ниво на капитал. Ова покажува дека друштвата за осигурување имаат солидна капитализираност и се во добра финансиска состојба.

Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на пазарот на осигурување во Република Македонија во 2010 година;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување.

- За Финансискиот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2010 година, претседателот на Советот на експерти истакна дека според податоците содржани во него, може да се види дека Агенцијата има вишок од 22 милиони денари, коишто се ставаат во резервен фонд.

Од Извештајот се забележува дека повисок износ на расходи се евидентирани за наем на деловен простор, но тоа е резултат на соодветните цени на пазарот на недвижности во Скопје.

Друга поголема ставка е расходи за обуки, семинари и конференции, што се должи на потребата за јакнење на кадровскиот капацитет на Агенцијата преку соодветна едукација за остварување на функцијата на ова регулаторно тело.

Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Финансискиот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2010 година;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување.

- Во врска со Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија за 2011 година, г. Попоски истакна дека тој е изготвен согласно одредбите од Законот за супервизија на осигурување, коишто ги одредуваат начините и изворите на финансирање и дека е изготвен согласно реалните финансиски потреби на Агенцијата за супервизија на осигурување.
 
Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување на Република Македонија за 2011 година;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување.
Click