Активности



Вторник, 23 август 2011 година

Втора седница на Комисијата за надворешна политика

Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Втора седница, ги разгледа:                                                                       

1. Предлог-законот за ратификација на Протоколот за привилегии и имунитети на Центарот за спроведување на Законот во Југоисточна Европа;

2. Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Црна Гора за заемно поттикнување и заштита на инвестиции;

3. Предлог-законот за ратификација на Договорот за основање на Антикорупциска академија како меѓународна организација;

4. Предлог-законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за преземање на лица со нелегален влез или престој;

5. Предлог-законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за регулирање на режимот за локален граничен сообраќај;

6. Предлог-законот за ратификација на Договорот за воен гарант меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција и Протокол за спроведување на финансиска поддршка меѓу Министерството за одбрана на Република Македонија и Министерството за национална одбрана на Република Турција;

7. Предлог-законот за ратификација на Договорот за економска соработка меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Црна Гора;

8. Предлог-закон за ратификација на Дополнителниот Протокол кон Договорот за изменување и пристапување кон Централно-европскиот Договор за слободна трговија;

9. Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Република Македонија и Кралството Норвешка за одбегнување на двојно оданочување и заштита од фискална евазија по однос на даноците на доход.

На седницата, во својство на повереник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Горан Стевчевски, државен советник во Министерството за надворешни работи.

Согласно со членот 189 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата ги разгледа сите Предлог-закони и по текстот на законите не предложи измени и дополнувања.

- По Предлог-законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за преземање на лица со нелегален влез или престој, беше истакнато дека предмет на реадмисија се сите физички лица - државјани, лицата кои имаат двојно државјанство или немаат државјанство, и дека во конкретниот случај со Република Србија, оваа постапка ќе се одвива врз основа на Спогодбата и врз основа на општите начела содржани во меѓународните конвенции.

Беше појаснето дека екстрадицијата на лицата со двојно државјанство за коишто е покрената казнена постапка, не е предмет на регулирање на овој закон и дека истиот го регулира само нелегалниот престој на лицата, без разлика на тоа дали се работи за лица кои имаат едно државјанство, лица кои немаат државјанство или имаат двојно државјанство.

- За Предлог-законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за регулирање на режимот за локален граничен сообраќај, беше појаснето дека со оваа Спогодба ќе бидат опфатени сите единици кои се 30 километри оддалечени од копнената граница

- Во врска со Предлог-законот за ратификација на Договорот за економска соработка меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Црна Гора, повереникот од Министерството за надворешни работи појасни дека овој Договор е усогласен со европските стандарди и дека од ниеден аспект не се коси со европското законодавство.

- Во однос на Предлог-закон за ратификација на Договорот  меѓу Република Македонија  и Кралството Норвешка за одбегнување на двојно оданочување и заштита од фискална евазија по однос на даноците на доход, г. Стевчевски истакна дека со оглед на тоа што Кралството Норвешка е економски моќна држава, склучувањето на ваквите договори ќе придонесе во привлекувањето на норвешки инвестиции и во унапредувањето на економскиот развој на нашата држава. Тој додаде дека вакви договори се склучени со сите земји од регионот и со поголемиот дел од земјите-членки на Европската унија.

  • Врз основа на расправaта, Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да ги разгледа сите Предлог-закони и да ги донесе Законите.
Click