Соопштенија

Сабота, 15 октомври 2011 година
 
Делегација на Собранието на Република Македонија ќе учествува на 125. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ) во Берн

 
Делегација на Собранието на Република Македонија ќе учествува на 125. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што ќе се одржи од 16 до 19 октомври 2011 година во Берн, Швајцарија.

Делегацијата ја сочинуваат пратениците: г. Јани Макрадули, шеф на делегацијата, г-ѓа Силвана Бонева, г. Талат Џафери, г. Имер Алиу, г. Горан Мисовски и г. Рејхан Дурмиши, членови на делегацијата.

Се очекува на ова јубилејно Собрание на ИПУ да учествуваат околу 1.200 делегати, претставници на повеќе од 130 земји.

На свеченото отварање на учесниците ќе им се обратат: г-ѓа Мишлан Калми-Реј, претседател на Швајцарската Конфедерација, г. Бан Ки-Мун, генерален секретар на Организацијата на Обединетите нации, г. Тео-Бен Гурираб, претседател на Интерпарламентарната унија, г. Жан-Рене Жермание, претседател на Швајцарскиот национален совет (Долниот дом на Парламентот) и г. Ханшаири Индеркум, претседател на Швајцарскиот совет на држави (Горниот дом на Парламентот).

На 125. Собрание на ИПУ ќе се дискутира за скорешните настани на Блискиот Исток и Северна Африка, нуклеарното разоружување, регулирањето на финансиските пазари, глобалното владеење, пристапот до здравствена грижа за жените и децата и сл.

Во рамките на Собранието седница ќе одржи и Комитетот на ИПУ за прашања на Обединетите нации.

На 125. Собрание во Берн ќе се одржи и избор за нов претседател на Интерпарламентарната унија, со мандат од три години.

Интерпарламе­н­тарната унија, основана во 1889 година, е најстарата мултилатерална политичка организација, во која членуваат 157 национални парламенти и девет меѓународни парла­мен­­­тарни собранија. Светската организација на парламентите со седиште во Женева има статус на постојан набљудувач во Организацијата на Обединетите нации.
Click