Активности



Среда, 31 октомври 2012 година

Седумнаесетта седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, на Седумнаесетта седница, одржана на 24 октомври 2012 година, го разгледа Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија 2012, со посебен осврт на делот за родовата рамноправност.

На седницата присуствуваа членовите на Комисијата: г-ѓа Нада Ципушева, г. Драган Настески, г-ѓа Весна Пемова, г-ѓа Светлана Мазгаловска-Вучетиќ, г. Голупчо Ангелов, г-ѓа Станка Анастасова, г-ѓа Дивна Јовковска-Ефтимовска, г-ѓа Вјолца Мехмети-Нуредини, г-ѓа Мерал Узеири-Ферати; заменик-членовите: г-ѓа Ане Лашкоска, г-ѓа Лилјана Кузмановска и г-ѓа Маринела Тушева; пратениците: г-ѓа Хајрие Мисими и г-ѓа Садије Илјази; г-ѓа Елена Грозданова, државен советник за еднакви можности на Министерството за труд и социјална политика и г-ѓа Даниела Димитриевска, директор на Македонското женско лоби.

Претседателот на Комисијата, г-ѓа Лилјана Поповска, ја отвори седницата и ѝ даде збор на г-ѓа Елена Грозданова, која даде кус осврт на забелешките од родов аспект во Извештајот.

Таа наведе дека Секторот за еднакви можности на Министерството за труд и социјална политика активно работи на унапредување на еднаквите можности во земјата, при што ги издвои следните активности: подготовка на Стратегијата за еднакви можности во периодот до 2020 година; Националниот план за имплементација на Резолуцијата на ОН 1325, која е во завршна фаза; Стратегијата за родово одговорно буџетирање, која е усвоена, со што сме единствена земја во регионот.

Потоа, г-ѓа Грозданова истакна дека во поглед на стереотипите и предрасудите во руралните средини преземени се активности за подигање на свеста, обука на раководителите (креаторите на програмите) во Министерството за труд и социјална политика, активности на Секторот во Министерството во соработка со невладините организации и локалните комисии за еднакви можности за анимирање на населението, преку програмата ИПА4 се работи на пристап на жените кон пазарот на трудот, се врши кадровска доекипираност на координаторите за еднакви можности во руралните средини и организирање работни средби.

Исто така, таа констатира дека несоодветна е забелешката околу користењето на термините „дискриминација“ и „еднакви можности“, но и за капацитетот на човечките ресурси што работат на ова поле.

Претседателот на Комисијата, г-ѓа Лилјана Поповска, надополни дека, според неа, не одговара на реалноста дека жените во Република Македонија не се вклучени во одлучувањето и дека со 32% учество во Собранието и нешто помалку во советите, ние сме над европскиот просек. Недостигот е во жени градоначалнички, за што се бориме. 

Исто така, таа наведе дека во Извештајот недостасуваат повеќе активности кои Република Македонија ги презела на ова поле, меѓу кои: скринингот за цервикален канцер, борбата со семејното насилство, трговијата со луѓе, родовото буџетирање, програми за економско јакнење на самохраните мајки, жени претприемачи и рурални жени и сл.

Посебна забелешка упати за неспомнувањето на развиената родова машинерија, во која Комисијата е меѓу најактивните, со јавни расправи и учество на локални комисии, невладини организации и експерти.

По ова беа донесени следните заклучоци:

1. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија го поздравува Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија 2012 во делот на родовата рамноправност, посебно за нотирањето на новиот Закон за еднакви можности на жените и мажите;

2. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ќе се заложи за:

  • продолжување на борбата против стереотипите и предрасудите;
  • повеќе кандидати за градоначалнички и други функции во извршната власт;
  • повеќе жени во безбедносните структури и меѓународните мисии;
  • подобрување на положбата на руралните жени;
  • повеќе средства за Секторот за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика и другите институции кои работат на ова поле;

3. Комисијата укажува на потреба од поголемо внимание од страна на македонските институции при реферирање на податоци каде постои напредок, како: учеството на жените во процесите на одлучување, родовото буџетирање, развиеноста на родовата машинерија и капацитети, соработката со невладините организации и синдикатите,  изработката на стратегиите во соработка со Собранието, локалните комисии и невладините организации, скринингот за рак на матката, програмите за самохраните мајки, жени претприемачи и рурални жени за самовработување и домување, улогата на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и другите институции што работат на ова поле;

4. Комисијата ќе побара средба со Секторот за евроинтеграции на Владата на Република Македонија и со мисијата на Европската комисија во нашата земја заради размена на искуства и информации што ќе бидат во функција на унапредување на родовата рамноправност, но и подобрена координација меѓу националните, локалните и меѓународните институции во процесот на следење и известување за напредокот на Република Македонија во евроинтегративниот процес.

Click