Активности


Среда, 28 ноември 2012 година

Деветнаесетта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на вчерапната Деветнаесетта седница, како матично работно тело во прво читање го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва.

Образложение на Предлог-законот даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, г-ѓа Катерина Веловска.

Предложените измени и дополнувања на Законот за трговските друштва се предлагаат по добиените препораки од Светската банка, со цел Република Македонија да се вброи во групата на првите 15 земји во светот кои практикуваат највисоки индикатори на заштита на инвеститорите, преку правото на секој акционер да преземе конкретни правни дејствија во функција на заштита на имотот на друштвото и своите права од нефер зделки со заинтересирани страни, односно зделки кај кои постои очигледен несразмер во давањето и примањето на ствари.

Предложените измени и дополнувања имаат за цел реализација на мерка добиена во рамките на високите преговори помеѓу Република Македонија и Европската унија во делот на  функционална пазарна економија, каде се бара побрзо решавање на неактивните трговски друштва заради понатамошно подобрување на конкурентноста на домашниот пазар и националната конкурентност, каде што е предвидено од пазарот да бидат исклучени трговските друштва коишто три години не се активни.

Заменик-министерот за економија истакна дека во Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва во членот 1 се предвидува, покрај останатите акти и документи, да влезе и целокупната документација којашто е поврзана со одобрувањето на зделката со заинтересирана страна.

Со членот 2 се предвидува во постапката за одобрување на зделка со заинтересирана страна на друштвата коишто котираат на овластена берза, доколку вредноста на зделката што е предмет на одобрување или кумулативната вредност на меѓусебно поврзани зделки во текот на изминатите 12 месеци од денот на одобрувањето на зделката којашто надминува 10% од вредноста на активата на друштвото определена врз основа на последните ревидирани годишни финансиски извештаи, задолжително да биде барано мислење од овластен ревизор, којшто ги исполнува условите согласно Законот за ревизија и хартии од вредност. Во овој член е обезбедено правото на судска заштита.

Во членот 3 се усогласува Законот за трговските друштва со Законот за вршење на сметководствени работи, каде што се предвидува годишната сметка и финансиските извештаи да ги потпише овластениот сметководител.

Во членот 4 се прецизира, односно дефинира поимот неактивен субјект и правото на Централниот регистар да ги избрише неактивните субјекти. Притоа се прави разлика меѓу субјекти кои не вршеле никаква активност, поради што не составиле годишни сметки и за истото го известиле Централниот регистар на Република Македонија и на субјектите кои не доставиле и не известиле и кои за разлика од сегашната состојба, допрва во посебна постапка согласно овој Закон ќе се утврдува дали навистина имаат статус на неактивни субјекти.

Во член 5 е разработена постапката на утврдување на статус на неактивен субјект од страна на Управата за јавни приходи.

Во член 6 се менува  член 485 во кој резервите на трговското друштво од 15 % се намалува на 5 % од добивката, сè додека резервите на друштвото не достигнат износ којшто е еднаков наместо на една петтина од основната главнина, сега со една десетина на основната главнина.

Во член 7 детално е разработена постапката на електронско бришење на неактивните субјекти од страна на надлежниот регистар.

Во член 8 се уредува постапка на бришење на трговците-поединци и трговските друштва кои се водат како блокирани во Управата за јавни приходи. Целта е овие субјекти да не можат да имаат повеќе никакво правно и фактичко влијание врз платниот промет и деловното работење во Република Македонија, бидејќи нивното работење е надвор од законот за трговските друштва, прописите за едношалтерскиот систем и надвор од прописите за платен промет.

Во претресот учествуваа заменик-претседателот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ; членовите г. Марјанчо Николов и г. Газменд Алији и заменик-министерот за економија, г-ѓа  Катерина Веловска.

По завршувањето на расправата, врз основа на членот 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за економски прашања „едногласно“ заклучи дека Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва во прво читање е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.