Активности



Среда, 31 октомври 2012 година

Дваесет и шеста седница на Комисијата за труд и социјална политика

Комисијата за труд и социјална политика на Собранието на Република Македонија, на Дваесет и шестата седница, одржана на 24 октомври 2012 година, ги разгледа:

  • Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година во делот 4.2. Слободно движење на работници и 4.19. Социјална политика и вработување;
  • Предлогот на законот за упатување работници од Република Македонија во други држави за изведување на градежни работи преку проектни договори и вршење на други сезонски работи во прво читање;
  • Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за евиденција од областа на трудот во прво читање.

На седницата, покрај претседателот и членовите на Комисијата, присуствуваа: г. Ибрахим Ибрахими, заменик-министер за труд и социјална политика; г. Стојан Трајанов и г. Стојна Влахов, претставници од Министерството за труд и социјална политика и г. Тиквешански Александар, претставник од Здружението на неформални собирачи на секундарни суровини.

Во дискусијата учествуваа пратениците: г-ѓа Цветанка Иванова, г. Самка Ибраимовски, г. Миле Пачемски, г-ѓа Сузана Анова, г-ѓа Весна Бендевска и г. Марјанчо Николов, како и заменик-министерот Ибрахими.

Во своето излагање по однос на Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година во делот 4.2. Слободно движење на работници и 4.19. Социјална политика и вработување, заменик-министерот Ибрахими се осврна на сите поодделни елементи опфатени во делот 4.2 и 4.19 и истакна дека генерално гледано Извештајот е позитивен.

Исто така, тој истакна дека треба да бидеме задоволни од оценките дадени во овој Извештај и во идниот период треба понапорно да се работи со цел да се добие датумот за преговори во декември.

По обемната дискусија, членовите на Комисијата едногласно ги усвоија следниве Заклучоци:

  1. Комисијата за труд и социјална политика го поздравува објавувањето на Извештајот на Европската комисија за остварениот напредок на земјата во изминатата година и ја поздравува обновената препорака за неодложен почеток на пристапните преговори на Република Македонија со Европската унија и истата е логична и добредојдена;
  2. Комисијата смета дека оценките и нотираните забелешки содржани во Извештајот се одраз на реалните состојби во Република Македонија за постигнатите резултати во 2012 година, во деловите Слободно движење на работници и Социјалната политика и вработување, мерките кои се имплементирани и усвоените законски акти;
  3. Комисијата во рамките на своите надлежности му предлага на Собранието на Република Македонија да донесе заклучоци со кои ќе ја изрази потребата од засилено ангажирање на сите надлежни институции за надминување и решавање на посочените слабости во деловите 4.2. Поглавје 2: Слободно движење на работници и 4.19. Поглавје 19: Социјална политика и вработување.

Потребата од донесување на Предлог-законот за упатување работници од Република Македонија во други држави за изведување на градежни работи преку проектни договори и вршење на други сезонски работи и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за евиденција од областа на трудот, ја образложи претставникот на Министерството за труд и социјална политика, г. Стојан Трајанов, во согласност со образложението од Предлогот на законите.

Врз основа на расправата и член 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за труд и социјална политика едногласно по Предлог-законот за упатување работници од Република Македонија во други држави за изведување на градежни работи преку проектни договори и вршење на други сезонски работи и со 4 гласа „за“ и 3 „против“ по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за евиденција од областа на трудот, констатираше дека се прифатливи и можат да се дадат на натамошно читање.

Click