Активности



Понеделник, 3 декември 2012 година

Четириесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Четириесет и петтата седница, одржана на 29 ноември 2012 годинa, како матично работно тело, во прво читање ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за дополнување на Законот за платниот промет;
  2. Предлогот  на  закон за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход;
  3. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи.

Воведни образложенија по Предлог-законите дадоа заменик-министерот за финансии, г. Недим Рамизи и директорот на Управата за имотно-правни работи, г. Зоран Крстаноски.

Господин Рамизи истакна дека основна цел на предложените дополнувања на Предлогот на закон за дополнување на Законот за платниот промет е да се овозможи воведување на нови, иновативни начини на плаќање кои се применуваат на глобално ниво.

Со тоа ќе се  либерализира платниот систем што ќе доведе до зголемување на  конкуренцијата и намалување на цените на услугите во овој сегмент. 

Со дополнувањата се предлага Народната банка да врши надзор над работењето на посредниците и да ги презема потребните мерки (писмено предупредување, издавање писмена наредба со рок за усогласување со прописите и одземање на согласност).

Со членот 27-а од предложеното законско решение се уредува начинот на плаќање. Имено, налог за плаќање се дава преку електронски уред, а плаќањето се врши во корист на посредникот.

Заради заштита на корисниците и на посредниците, но и заради одбегнување на евентуални нарушувања во платниот промет, максималниот износ на плаќања што поединечен корисник може да го изврши во еден циклус на наплата е ограничен на 6.000 денари, а вкупните трансакции во еден циклус на наплата кај еден посредник се ограничени на 100.000.000 денари.

Дополнителна заштита за корисникот е обезбедена со тоа што договорот меѓу корисникот и посредникот мора да биде потпишан од двете страни, а корисникот најмалку еднаш месечно, бесплатно, мора да добие извештај за извршените трансакции.

Со членовите 27-б и 27-в се пропишува обврска лицата кои сакаат да вршат посредување при микро плаќање, претходно да добијат согласност од гувернерот на Народната банка.

Кон барањето за добивање согласност, се доставуваат докази и информации од кои може да се утврди дека посредникот ќе може да обезбеди сигурно и стабилно давање на услугата и при тоа ќе ги почитува правилата и процедурите за микро плаќање.

За секоја промена настаната по добивањето на согласноста, посредникот ќе бара нова согласност со што ќе се обезбеди посредниците во континуитет да ги исполнуваат условите за давање на услугата.

Во функција на поголема транспарентност, Народната банка ќе води регистар на посредници при микро плаќање и ќе воспоставува, развива и врши надзор над сигурноста, стабилноста и ефикасноста на системите за плаќање. Надзорот ќе се врши преку теренска контрола кај самиот посредник.

Во случај на утврдено непостапување или постапување спротивно на законот, Народна банка спрема посредникот може да ги преземе следните мерки: писмено предупредување, издавање писмена наредба со рок за усогласување со прописите или одземање на согласност.

Со Предлогот на законот се  воведуваат  глоби за посредниците кои постапуваат спротивно на законот и за лицата кои вршат посредување при микро плаќање без согласност од гувернерот на Народната Банка.

Со предложеното законско решение не се предвидува можност за плаќање на административните и судски такси преку мобилните оператори.
  
Во претресот учествуваше пратеникот Стојко Пауновски.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот  на  закон за дополнување на Законот за платниот промет е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Во однос на Предлогот  на   закон за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход, г. Рамизи истакна дека основна цел на предложените измени и дополнувања е да се овозможи ослободување од обврската за плаќање на персонален данок на доход на приходите кои се остваруваат во вид на паричен надоместок кој се доделува на национален уметник согласно со Законот за националниот уметник на Република Македонија и паричните надоместоци доделени на уметник и стручен соработник од областа на заштитата на културното наследство кој остварил право на пензија и е добитник на една од државните награди „11 Октомври“ за животно дело, „11 Октомври“ за долгогодишни остварувања во културата и уметноста, „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во културата и уметноста и награда „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во културата, согласно со Законот за културата.

Исто така, се предлага пролонгирање на датумот за започнување со оданочување на каматите по орочени штедни влогови и други депозити, така што наместо постојното решение кое предвидува оданочувањето за овој вид на приход да отпочне од 1 јануари 2013 година, се предвидува даночно ослободување за овој вид на приход на граѓаните да трае до пристапувањето на Република Македонија во Европската унија.

Во однос на приходите од капитални добивки кои се остваруваат од продажба на хартии од вредност, се предлага истите да бидат ослободени од оданочување во периодот од 1 јануари 2013 година до 31 декември 2015 година.

Предложениот закон ќе предизвика фискални импликации врз Буџетот на Република Македонија за тековната година во износ од 1 368 000 денари.

Во претресот учествуваa пратениците Марјанчо Николов и Стојко Пауновски.

Комисијата со 6 гласа „за“ и 3 „воздржани“ заклучи дека Предлогот  на  закон за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање

Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи го образложи директорот на Управата за имотно-правни работи, г. Зоран Крстаноски.

Тој истакна дека основна цел на предложените измени и дополнувања е  да се уреди прашањето за утврдување на  вредноста  на недвижните ствари  во постапката на продажба,  размена  и давање во закуп на недвижни ствари, како и одредбите што ја регулираат постапката за јавно наддавање и непосредна спогодба.

Со постојното законско решение е утврдено проценувањето на вредноста на недвижните ствари во постапката за продажба и  размена на невижни ствари и  утврдувањето на висината на закупнината за недвижните ствари да биде во надлежност на Министерството за финансии – Управата за јавни приходи.

Со оглед на тоа што оваа надлежност е уредена со Законот за процена, односно определени се областите во кои се врши процена и покрај останататите регулирана е и процената  на недвижен имот од страна на овластени проценители, се предлага утврдувањето на вредноста на недвижните ствари што се предмет на продажба, размена или давање во закуп да се  врши според проценета пазарна вредност, согласно со Законот за процена.

Со членот 4 од Предлогот на законот се проширува постапката за јавно наддавање со тоа што се овозможува во случај кога и второто јавно наддавање е неуспешно, да се спроведе уште едно наддавање.

Во практиката честопати се случува да не може да се продаде недвижната ствар и по објавувањето на два последователни огласи поради што потребно е да се уреди продажбата со непосредна спогодба во случај на неуспешни јавни наддавања и процентот до кој може да се намали вредноста на недвижната ствар при непосредната спогодба.

Во претресот учествуваa пратениците Марјанчо Николов и Стојко Пауновски.

Комисијата со 6 гласа „за“ и 3 „воздржани“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click