Активности



Петок, 21 декември 2012 година

Четириесет и осма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Четириесет и осмата седница, одржана на 19 декември 2012 годинa, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за хартии од вредност (во прво читање).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Тој истакна дека како резултат на светската економска криза, во Република Македонија најмногу беше погоден пазарот на хартии од вредност, поради што во последните години значително се намалил обемот на тргување на Македонската берза, како и хартиите од вредност со кои се тргува.

Со цел надминување на ваквата состојба на пазарот на хартии од вредност, се предлагаат измени и дополнувања во Законот за хартии од вредност со кои се воведува задолжителна котација за акционерските друштва кои ќе ги исполнат условите утврдени во Правилата за котација на Македонската берза.

Со измените и дополнувањата се предвидува воведување обврска за акционерските друштва кои во моментот не котираат на берза,  а кои доколку  ги исполнат условите за котација утврдени во Правилата за котација на Берзата, да се вклучат на задолжителна котација на Берзата. Обврската за задолжителна котација се предвидува да се применува во период од пет години.

Воведувањето на задолжителна котацијата ќе има позитивни ефекти врз транспарентноста на акционерските друштва, развивањето на свеста за предностите од присуство на Берзата и ќе претставува потенцијал за заживување и развој на пазарот на капитал, особено во услови на повеќегодишно намалување на тргувањето на Македонската берза.

Една од слабостите во делот на заштитата на малцинските акционери, е можноста за злоупотреби од страна на мнозинските акционери кои имаат одлучувачко влијание во акционерското друштво, во случај кога акционерското друштво склучува трансакции со заинтересирана страна. Најчеста злоупотреба при склучувањето на вакви трансакции е манипулација со цената по која е склучена трансакцијата, која најчесто е потценета, односно е под нејзината пазарна вредност.

За таа цел неопходна е контрола на ваквите трансакции од страна на независно лице (овластен ревизор) надвор од акционерското друштво, кое ќе има овластување да врши контрола на ваквите трансакции.

Во функција на надминување на можните злоупотреби и зајакнување на заштитата на малцинските акционери од нефер трансакции, се пропишуваат и условите кои треба да ги исполнува овластениот ревизор за да може да се квалификува за давање на мислење во постапката за одобрување на зделка со заинтересирана страна кај  акционерските друштва чии хартии од вредност котираат на овластена берза.

Со измената на Законот, се укинува обврската на Централниот депозитар за хартии од вредност за бесплатно доставување секоја година на извод за состојба на сметка на имателите на хартии од вредност.

Оваа измена се предлага со цел намалување на големите трошоци што ги плаќа Депозитарот (посебно поштарина) за доставување на изводите до сопствениците на хартии од вредност кои немаат никакви промени во текот на годината.

Меѓутоа, во интерес на сопствениците на хартии од вредност, со измената на Законот се предвидува обврска за Депозитарот за бесплатно доставување на изводите за состојба на хартиите од вредност при  регистрирањето на хартиите од вредност и при секоја промена на сопственоста.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за хартии од вредност е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click