Активности

Вторник, 12 јуни 2012 година

ДЕВЕТТА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Националниот совет за евроинтеграции денеска ја одржа својата Деветта седница на која се разгледа Претпристапната економска програма за периодот 2012-2014 година. Претпристапната економска програма 2012-2014 (ПЕП 2012-2014) беше презентирана од страна на претставникот од Министерството за финансии,  г-ѓа Анита Поповска, координатор за ПЕП 2012-2014. Во воведно образложение за тоа што претставува овој документ, беше нагласено дека подготовката на програмата е обврска што Република Македонија ја има преземено од 2005 година, кога ѝ беше доделен статус на земја-кандидат за членство во Европската унија.

Претпристапната економска програма е подготовка на земјите-кандидати за понатамошна координација на економската политика, а воедно е и претходник на програмите за конвергенција кои земјите-членки ги подготвуваат во рамките на Пактот за стабилност.

Госпоѓа Поповска потенцираше дека основната цел на ПЕП 2012-2014 е да се стави акцент на исполнување на економските критериуми за членство во Унијата, но воедно и да го развие аналитичкиот капацитет на администрацијата.

Од страна на г-ѓа Поповска беше истакнато дека е добро кога ќе се подготвува следната Претпристапна економска програма, Националниот совет за евроинтеграции да учествува во фазата пред нејзиното донесување, со цел предлозите, забелешките и коментарите по нацрт-верзијата да имаат поголемо значење и позитивно да влијаат на подобрување на финалниот текст на програмата.

Во расправата на седницата учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции; г. Антонио Милошоски, член на Советот и претседател на Комисијата за надворешна политика; г.Кенан Хасипи, член на Советот и копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ; г.Тито Петковски, член на Советот и г-ѓа Тања Хафнер Адеми, претставник на Граѓанската платформа на Македонија.

На истата седница, Националниот совет за евроинтеграции со консензус усвои заклучоци од јавната расправа по Предлог-стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор 2012-2017 година, одржана на 27 февруари 2012 година, како и  заклучоци од јавната расправа по работниот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, одржана на 13 март 2012 година.

Националниот совет за евроинтеграции го усвои и Извештајот за работата на Советот за периодот од 1 септември 2011 до 31 декември 2011 година.

дневен редзаписник

Click