Активности

Понеделник, 5 ноември 2012 година

ЈАВНА РАСПРАВА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

Националниот совет за евроинтеграции во соработка со Фондацијата Фридрих Еберт-Канцеларија Македонија и Институтот за европска политика денеска организираа jавна расправа на тема: „Искористеноста на средствата од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) во Република Македонија".

Целта на јавната расправа беше да се обезбеди поширока дебата за степенот на искористеност на ИПА, да се изнесат мислења, предлози и сугестии за состојбите во соодветната област заради квалитетна подготовка за прифаќање на обврските од членството на Република Македонија во Европската унија.

На почетокот на јавната расправа кратко обраќање имаше г. Хајнц Бонгартц, директор на Фондацијата Фридрих Еберт - Канцеларија Македонија.

На јавната расправа свои презентации имаа: проф. д-р Мојмир Мрак од Република Словенија, г. Мартин Валентовиќ, меѓународен експерт од Република Словачка и г-ѓа Малинка Ристевска-Јорданова, директор на Институтот за европска политика - Скопје.

Експертите од Република Словенија и Словачката Република ги споделија нивните искуства и предизвиците со кои се соочиле нивните земји при користењето на финансиските средства од претпристапната помош, во периодот кога Словенија и Словачка биле земји-кандидати за членство во Европската унија.

Во своето излагање, д-р Малинка Ристовска-Јорданова се осврна на истражувачката публикација „Користење на фондовите на ЕУ во Република Македонија“, за која информираше дека е резултат на истражувањето кое има за цел да ја утврди ефикасноста на искористувањето на средствата од претпристапните фондови во Република Македонија, нивното влијание и проценка на апсорпционите капацитети.

Со свои дискусии, предлози, коментари и забелешки учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции; г-ѓа Лидија Димова, претставник од Македонскиот центар за европско образование; г-ѓа Фани Каранфиловска, претставник од ФИООМ; г-ѓа Билјана Стојановска од Институтот за Европска политика и г. Ванчо Узунов, професор на Правниот факултет во Скопје.

Во завршниот дел на јавната расправа, претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Радмила Шекеринска, најави дека следниот месец Советот повторно ќе дебатира за истата тема, при што како почетен материјал за дебата ќе биде Извештајот на Владата на Република Македонија за користењето на ИПА во Република Македонија.

покана
Click