Активности


Среда, 28 ноември 2012 година

Јавна расправа на тема: „Иницијативи и препораки за одржлива популациска политика во Република Македонија“

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија во соработка со Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија, вчера одржа јавна расправа на тема: „Иницијативи и препораки за одржлива популациска политика во Република Македонија“.

Покрај членовите и заменик-членови на Комисијата, на јавната расправа присуствуваа  пратеници на Собранието на Република Македонија, министерот за труд и социјална политика на Република Македонија, претставници на институциите, на локалните комисии за еднакви можности на жените и мажите, на меѓународните организации и на невладините организации.

Расправата ја отвори претседателот на Комисијата, г-ѓа Лилјана Поповска, по што свои излагања имаа: г. Спиро Ристовски, министер за труд и социјална политика на Република Македонија; г-ѓа Соња Таневска, претставник на УНФПА; г-ѓа Валентина Павловска, државен советник во Министерството за труд и социјална политика и претседател на Координативното тело за следење и имплементација на Стратегијата за демографски развој на Република Македонија 2008 – 2015; проф. д-р Јован Пејковски од Институтот за социјална работа и социјална политика и г. Дамјан Николовски од Мрежата на организации за врсничка едукација на млади (Y-PЕЕR).

По исцрпната дискусија, во која се вклучија пратеници, експерти и претставници на невладините организации беше донесен следниот заклучок:

1. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ги поздравува заложбите и активностите на Министерството за труд и социјална политика во насока на одржлива популациска политика, преку анализа на законската регулатива и ефектите од  досегашните мерки за зголемување на наталитетот, ревизија на Стратегијата за демографски развој на Република Македонија  2008 - 2015 и изработка на оперативни планови, во соработка со Фондот за население на ОН, експерти и НВО;

2. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ја поздравува избраната методологија за овие активности преку тематски работни групи и отворени јавни расправи во Собранието на Република Македонија и во Министерството за труд и социјална политика;

3. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ги поздравува интересот и напорите на НВО-секторот во насока на одржлива популациска политика и останува отворена за идна соработка.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.