Активности



Вторник, 7 февруари 2012 година

Јавна расправа на тема: „Правната регулатива за деца во судир со законот, деца жртви и деца сведоци на кривични дела"

Комисијата за труд и социјална политика на Собранието на Република Македонија, на 11. седница, на 2 февруари 2012 година, одржа јавна расправа на тема: „Правната регулатива за деца во судир со законот, деца жртви и деца сведоци на кривични дела".

Работната група за правата на децата, во која партиципираат претставници од сите пратенички групи застапени во Собранието, е формирана во рамките на Комисијата за труд и социјална политика, согласно Меморандумот за соработка помеѓу Собранието на Република Македонија и Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), потпишан на 20 ноември 2009 година.

Воедно, ова е прва активност на работната група за правата на детето во состав на Комисијата, поддржана од канцелариите на Фондот на Обединети нации за деца - УНИЦЕФ во Скопје и Делегацијата на Европската комисија во Македонија преку проектот „Правда за деца".

Предмет на расправата беше правната регулатива за децата во судир со законот, деца жртви и деца сведоци на кривични дела, сè со цел да се поттикне дискусија за подобрување на правниот систем за тој да може подобро да ги заштити децата.

Свое излагање имаа: заменик-министерот за правда, г-ѓа Билјана Бришковска; заменик-министерот за труд и социјална политика, г. Ибрахим Ибрахими; г.  Робин Лидл, шеф на Делегацијата на Европската унија; г. Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ; г-ѓа Биљана Лубаровска, претставник на канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје и д-р Владо Камбовски, претседател на Комисијата за изработка на измените на Законот за малолетничка правда.

Во расправата учествуваа пратениците: г-ѓа Цветанка Иванова, г-ѓа Сузана Салиу, г-ѓа Соња Мираковска, г-ѓа Лилјана Поповска и г-ѓа Бети Кузмановска.

Врз основа на дискусијата, произлегоа неколку предлог-заклучоци:

  1. Се охрабрува постапката за усвојување и вградување на препораките дадени во анализата на УНИЦЕФ во Законот за малолетничка правда;
  2. Јасно да бидат дефинирани надлежностите на Министерството за правда и Министерството за образование, во однос на обезбедувањето на образованието во воспитно-поправните домови;
  3. Јасно да бидат дефинирани надлежностите на Министерството за правда и Министерството за труд и социјална политика, во однос на обезбедувањето на задолжителната бесплатна правна помош;
  4. Задолжително да се формира фонд за бесплатна правна помош во Министерството за правда, како и фонд за компензација на децата жртви;
  5. Законот треба да биде експлицитен во однос на презумпција на невиност на децата;
  6. Законот да упати на креирање на подзаконски акт со кој ќе се предвиди стандардизирана методологија за проценка и следење на секое дете во воспитно-поправна установа или затвор;
  7. Законот да упати на креирање на подзаконски акт со кој ќе се утврди постапка за донесување на одлуки за дисциплински мерки, преку воспоставување на дисциплински совет или колективно тело, како и создавање на централен протокол/регистар во институциите;
  8. Секое од ресорните министерства, примарно Министерство за труд и социјална политика, Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи, да алоцираат буџетски средства на годишно ниво за спроведување на Законот за малолетничка правда.

Предлог-заклучоците ќе се разгледуваат и усвојат на некоја од наредните седници на Комисијата за труд и социјална политика.

Click